Agnes Szücs
11 Септември 2023•Ажурирај: 13 Септември 2023
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) денес ги осуди „лажните избори“ што ги одржаа руските власти на украинските територии и одби да ги признае резултатите од „нелегитимните“ гласови, јавува Анадолу.
Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, во својата изјава силно ги осуди „нелегитимните таканаречени избори“ во Автономната Република Крим и градот Севастопол и во делови од регионите Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон во Украина.
Борел го отфрли „залудниот обид“ на Русија да ја „нормализира својата нелегална воена контрола и обидот за анексија на делови од украинските територии“ и нагласи дека ЕУ никогаш нема да ги признае резултатите од изборите.
Според ЕУ, изборите се одржани во услови на „широки и систематски прекршувања и нарушувања на човековите права, како и заплашување и зголемена репресија врз украинските граѓани“.
Борел, сепак, ја пофали „храброста на украинските жители кои се спротивставија на лажното гласање и продолжуваат да се спротивставуваат на руската окупација“.
„ЕУ ја повикува Москва 'веднаш, целосно и безусловно да се повлече' од територијата на Украина“, додаде тој.
Регионалните и општински избори се одржаа низ Русија и незаконски анектираните региони на Украина на 6-8 септември.
Според руските државни медиуми, партијата Единствена Русија на претседателот Владимир Путин освои над 70 отсто од гласовите во Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон, кои беа анектирани минатата година.