Ömer Tuğrul Çam
06 Декември 2021•Ажурирај: 07 Декември 2021
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) остро ја осуди одлуката за 4-годишен затвор на соборената лидерка на Мјанмар, Аунг Сан Су Чу, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштениeто на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, се потсетува дека Су Чу и поранешниот претседател на Мјанмар, Вин Минт, се осудени на 4 години затвор за поттикнување на народот на бунт и кршење на мерките против Ковид-19.
Во ова соопштение се вели дека одлуките се политички, и се додава: „Оваа одлука е нов чекор кон кршење на човековите права и елиминација на владеењето на правото во Мјанмар. ЕУ остро ја осуди оваа политички мотивирана одлука, која е голем удар врз демократијата во Мјанмар од воениот удар на 1 февруари 2021 година.“
Меѓу другото, во соопштението се истакнува дека Армијата на Мјанмар треба веднаш да обезбеди враќање на демократијата и итно ослободување на политичките затвореници кои се приведени по државниот удар.
- Воен удар во Мјанмар -
Армијата на Мјанмар ја презеде власта во земјата на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година. Беа притворени претседателот Вин Минт, челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Како резултат на вооружената интервенција на Армијата на Мјанмар врз демонстрантите против пучот, досега 902 цивили го загубија животот, а илјадници се приведени.
Во меѓувреме, според Организацијата за помош на политички затвореници (AAPP), од пучот во земјата животот го загубиле 1.200 луѓе, а приведени се околу 10 илјади.
Додека во земјата се одржуваат демонстрациите што започнаа на 6 февруари со барање за враќање на демократијата, продолжува судењето на приведените високи државни функционери пред Воениот суд.