Ekipa
05 Февруари 2017•Ажурирај: 05 Февруари 2017
БРИСЕЛ (АА) - Конструктивната посветеност што се виде во последните две средби на дијалогот во Брисел денес вроди со резултати, истакна Федерика Могерини, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност по повод денешното рушење на спорниот ѕид во северниот дел на Митровица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Могерини нагласи дека најважните прашања во врска со повторното отворање на мостот во Митровица биле успешно решени во Приштина и дека имплементацијата на договореното започнала веднаш.
„Тоа ќе придонесе за слободата на движење, за меѓусебните контакти на луѓето и на крај за нивно помирување, а ќе имаат корист сите граѓани на Северна и Јужна Митровица“, се наведува во соопштението.
Могерини додава дека ревитализацијата на мостот во Митровица е важно достигнување од имплементирањето на договорите, постигнати во рамките на Дијалогот.
„Напредокот во нормализирањето на односите меѓу Косово и Србија е од голема важност за зачувување на мирот и стабилноста меѓу двете страни, како и за регионот. Особено е важно во однос на напредувањето на двете страни на патот кон Европската Унија“, порача Могерини и додаде дека ЕУ ќе продолжи со севкупното залагање во процесот на Дијалогот со лидерите на двете страни.