Ömer Tuğrul Çam
03 Ноември 2021•Ажурирај: 04 Ноември 2021
БРИСЕЛ (АА) - Европската унија (ЕУ) истакна дека порастот на политичката криза во Босна и Херцеговина по сепаратистичката реторика на српскиот лидер Милорад Додик предизвикува сериозна загриженост и дека треба да се стави крај на таа сепаратистичка реторика, јавува Агенција Анадолија (АА).
Петер Стано, еден од портпаролите на Европската комисија, на дневната прес-конференција рече дека се сериозно загрижени за ситуацијата во Босна и Херцеговина и дека ЕУ и САД работат на изнаоѓање решение за кризата во земјата.
Наведувајќи дека внимателно ги следат дискусиите на оваа тема во Советот за безбедност на ОН, Стано рече дека се надеваат на продолжување на воената мисија „Алтеа“, предводена од ЕУ.
„Мора да се стави крај на секоја сепаратистичка реторика. Мора да се прекинат и едностраните акции кои ќе го загрозат територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина. Треба да започнеме политички дијалог. Воспоставување дијалог меѓу политичките лидери е единствениот конструктивен начин што ќе ни овозможи да ја решиме кризата“, нагласи Стано.
Тој, исто така, наведе дека ЕУ се обврзала да ги поддржи политичките лидери во Босна и Херцеговина за решавање на кризата.
Српските власти одлучија да го бојкотираат законот наметнат од страна на Високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Валентин Инцко, со кое се забранува негирање на геноцидот, злосторствата против човештвото и воените злосторства.
Милорад Додик, српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина, рече дека доколку не се почитува Дејтонскиот мировен договор, со кој заврши војната 1992-1995 година, Република Српска (РС), еден од двата ентитета во земјата, ќе прогласи независност. Со таа изјава политичката криза во земјата порасна.