Şerife Çetin
29 Јуни 2018•Ажурирај: 30 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - Лидерите на Европската Унија денес се сложија да пуштат втора транша од три милијарди евра за помош на сириските бегалци во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
„Се сложивме да ја ослободиме втората транша за Турција“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел при напуштањето на самитот на ЕУ, кој траеше до раните утрински часови. Во март 2016 година ЕУ и Турција постигнаа договор за запирање на илегалните миграции преку Егејското Море и подобрување на условите за повеќе од три милиони сириски бегалци во Турција.
ЕУ вети шест милијарди евра за бегалците и дека до крајот на 2018 година ќе ја пушти втората транша од три милијарди евра. Меркел нагласи дека Турција сторила многу за повеќе од три милиони сириски бегалци што ги прими од почетокот на Граѓанската војна во Сирија.
Вчера Италија изнесе забелешки за ослободувањето додатна помош од три милијарди евра, барајќи поголема солидарност од партнерите од ЕУ во поглед на миграциите.
Во Турција се наоѓаат околу 3,5 милиони сириски бегалци, повеќе отколку во која било друга земја на светот. Анкара вели дека потрошила околу 21,5 милијарди евра за помош и заштита на бегалците од почетокот на Граѓанската војна во Сирија во 2011 година.