Selen Temizer
16 Февруари 2022•Ажурирај: 16 Февруари 2022
БРИСЕЛ (АА) ‒ Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, истакна дека изјавата на Русија дека дел од нејзините војници се вратиле и одлуката на Долниот дом на рускиот Парламент за признавање на отцепените украински региони Доњецк и Луганск како независни републики меѓусебно се противречни, но дека патот за соработка сѐ уште е отворен, јавува Агенција Анадолија (АА).
Фон дер Лајен говореше на седницата за односите со Русија и Украина одржана во Генералното собрание на Европскиот парламент.
„Целта на нашиот сојуз беше да ставиме крај на сите војни во Европа“, рече Фон дер Лајен, додавајќи дека моментално, како резултат на активностите на Русија, се соочуваат со најголемата закана по Студената војна.
Фон дер Лајен, наведувајќи дека луѓето во Украина живеат како да во секој момент ќе започне војна, рече дека дипломатијата сѐ уште не го кажала последниот збор.
Претседателката на Европската комисија рече дека од една страна Русија вчера најави враќање на дел од своите војници, но од друга страна, Долниот дом на рускиот Парламент, Државната дума, гласаше за признавање на отцепените украински региони Доњецк и Луганск како независни држави, а тоа се противречни сигнали.
Фон дер Лајен, исто така, нагласи дека позитивна е изјавата на Путин дека нема друга алтернатива освен Договорот од Минск на вчерашната средба со германскиот канцелар Олаф Шолц.
„Трансатлантската заедница долго време не била толку обединета“, рече Фон дер Лајен, и додаде: „Нашиот повик до Русија е многу јасен. Не избирајте војна. Патот за соработка сѐ уште е отворен.“
Истакнувајќи дека ЕУ работи на сеопфатен и силен можен пакет санкции, Фон дер Лајен рече дека доколку се спроведат санкциите, односите на Русија со ЕУ ќе бидат сериозно оштетени и тоа ќе има страшни последици врз нејзината економија и целите за модернизација.
‒ Предлог за одржување на донаторска конференција ‒
Претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, потсети и дека ЕУ нема да ја остави Украина сама и дека обезбедила дополнителна финансиска поддршка од 1,2 милијарди евра.
Мишел, исто така, додаде дека предложил да се одржи донаторска конференција за поддршка на економската стабилност на Украина.
Наведувајќи дека ЕУ ќе ја брани безбедноста на континентот од регионални закани и агресија, високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жосеп Борел, рече: „Сакаме да развиеме дипломатско решение, но имаме и солиден пакет санкции подготвен да се спроведе кога ќе биде потребно. Ние стоиме зад Украина.“