Şerife Çetin
06 Февруари 2020•Ажурирај: 07 Февруари 2020
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) упати апел за прекинување на сите напади врз цивилите во сирискиот град Идлиб, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ задолжен за надворешни односи и безбедносна политика, и Јанез Ленарчич, член на Европската комисија задолжен за управување со кризи, објавија писмено соопштение во врска со моменталната состојба во сирискиот град Идлиб.
Во ова соопштение се наведува дека се повикуваат сите страни да ги направат потребните чекори за олеснување на доставувањето на хуманитарната помош, а што се однесува до заштитата на цивилите, се бара да се почитуваат правилата на меѓународното право.
Во соопштението се нагласува дека со интензивирањето на воените операции во Идлиб, стотици цивили се убиваат без да се направи некоја разлика, и дека цел на нападите се зоните каде што се наоѓаат цивилите, болниците, како и центрите за засолнување на раселените лица.
Според ова соопштение, само во последните два месеца 500.000 лица биле принудени да ги напуштат своите домови, а лицата за кои станува збор биле лишени од различни услуги, како засолнување, храна и здравствени услуги, поради тешките временски услови.
Во соопштението се истакнува дека често се случуваат сериозни прекршувања на меѓународното граѓанско право, и се упатува апел за прекинување на сите напади врз цивилите во Идлиб.
„Не е прифатлива оваа голема болка на која е изложен цивилниот народ во северозападниот дел на Сирија. ЕУ повторно нагласува дека не постои воено решение за сириското прашање“, се вели во соопштението, и се потврдува поддршката дадена за политичкиот процес воден во рамките на Обединетите нации (ОН).