Admir Fazlagic
13 Август 2018•Ажурирај: 13 Август 2018
СКОПЈЕ (АА) - Секое осмо дете во Република Македонија е вонбрачно, односно околу 12 проценти од вкупниот број на живородени деца во Македонија во 2016 година се родени надвор од брачна заедница, покажуваат податоците на Еуростат (Eurostat), а во Европската Унија (ЕУ) просекот изнесува 43 проценти, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според Заводот за статистика на Европската Унија, Еуростат, во земјите од регионот оваа бројка се движи од 58,6 проценти во Бугарија, 41,6 во Косово, 26 во Србија, 19 во Хрватска, до 9,4 проценти во Грција.
Просекот на ниво на ЕУ е за околу 15 проценти над вредноста во 2000 година, од кога постепено бележи раст од околу еден процентен поен годишно.
Во осум земји членки на ЕУ во 2016 година, според Еуростат, има повеќе живородени деца надвор од брачна заедница. Во Франција како такви се регистрирани 60 проценти, Бугарија и Словенија 59, Естонија 56, Шведска 55, Данска 54, Португалија 53 и Холандија 50 проценти.
За компарација, над 80 проценти од живородените деца во Грција, Хрватска и Кипар се родени во брачна заедница.
Во период меѓу 2015 и 2016 година бројот на родени деца надвор од брачна заедница бележи раст во речиси секоја земја членка на ЕУ, со исклучок на Естонија, Италија, Литванија, Летонија, Унгарија и Велика Британија.
Во Швајцарција и Лихтенштајн процентот на живородени деца надвор од брак во 2016 година е под 25 проценти, споредено со Норвешка со 56 отсто и Исланд со 70 проценти, покажуваат податоците на Еуростат.