Admir Fazlagic
14 Февруари 2016•Ажурирај: 16 Февруари 2016
СКОПЈЕ (АА) - Протестирањето во Република Македонија е дел од секојдневието, поради општествено-политичкита, економската, но и генералната состојба во земјата. Ова лесно може да се заклучи доколку во последниот период се направи краток осврт на протестите кои се одржувале во изминативе денови.
Протести против масовното иселување на граѓаните од Македонија, протест на претставниците на турската етничка заедница во Македонија поради навредите изнесени од страна на главниот и одговорен уредника на ТВ Сител упатени кон оваа заедница, протест на лекарите - специјализанти кои бараа подобрување на нивниот статус и подобрување на општите услови, потоа протестот со кој се одбележа една година од смррта на малата Тамара, со кој граѓаните побараа одговорност од страна на надлежните за нејзината смрт. Исто така, во текот на неделата неколку дена протестираа таксистите од Гевгелија, кои се незадоволни од начинот на превезување на бегалците од Гевгелија до Табановце, односно, поради тоа што бегалците се превезуваат и во текот на денот и во текот на ноќта со Македонски железници, бидејќи тие бараа преку ноќ бегалците да бидат превезувани со воз а преку ден да користат такси - превоз. Поради овие причини, тие во неколку наврати во текот на минатата недела, го блокираа градот и патиштата.
Ова се само неколку од протестите кои во последните неколку дена се случија во Македонија, генерално во главниот град Скопје. Не треба да се заборават ниту протестите на вработените од ОХИС, кои, како што велат, се револтирани затоа што со години никој не го решава проблемот со загубарот ОХИС. Вработените ги бараа неисплатените плати и придонеси. Во последниот период актуелни беа протестите на претставниците на автошколите. Тие се противат на новиот закон за автошколи кој предвидува поставување на камери во автомобилите во текот на обуката на кандидатите.
Првиот ден од вториот месец од годината пред Министерството за надворешни работи на протест излезе Синдикатот на македонската дипломатија, кој протестираше против „деградацијата и политизацијата“ на нивното министерство, со барање да се стават во мирување измените на Законот за надворешни работи од 2008 година до денес. Дипломатите протестираа поради, како што велат, целосното деградирање на Министерството за надворешни работи преку партиско преземање и вршење на надворешно-политички активности. Граѓаните на општина Карпош, пак, протестираа поради урбанистичките планови и деградирањето на животната средина.
Меѓу останатите, во средината на месец јануари собир одржаа и претставниците на граѓанските невладини организации. Имено, со писмо до еврокомесарот Јоханес Хан, Делегацијата на ЕУ и американската амбасада, повеќе од 70 невладни организации, побараа одложување на датумот за избори. Граѓанските активисти сметаат дека клучните обврски од Договорот од Пржино не се исполнети, со што, според нив, нема основа за фер, демократски и кредибилни избори.
Гледано низ призма на статистиката, од почетокот на годинава, до сега, организирани се најмалку 15 протести, што би значело дека во првите 45 дена од годината, секој трет ден во Македонија се случил барем еден протест.