Selen Temizer
22 Февруари 2017•Ажурирај: 23 Февруари 2017
ЖЕНЕВА (АА) - Страните што утре ќе го започнат четвртиот круг на женевските мировни преговори за Сирија имаат различен став кога станува збор за формирањето преодна влада, јавува Anadolu Agency (AA).
Турција и сириската опозиција сакаат да формираат преодна влада којашто ќе има целосно овластување, додека Русија и Иран бараат формула како авторитетот на сирискиот претседател Башар ал Асад да не биде разнишан.
Се очекува специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура денес да даде соопштение за тоа дали преговорите ќе започнат утре и кој ќе учествува во нив, како и за темите на разговорите.
Покрај делегацијата на опозицијата и режимот на Асад, ОН ги повика и претставниците на Русија, Турција, Иран и САД на преговорите во Женева.
Подлога на мировните преговори во Женева претставува декларацијата „Женева 1“, усвоена на првите преговори одржани во јуни 2012 година.
Споменатиот документ има за цел воспоставување на примирјето, ослободување на затворениците и доставување на хуманитарна помош до лицата кои се наоѓаат во подрачјата под опсада. Потоа би требало да биде воспоставена преодна влада којашто ќе се состои од имиња што ќе ги прифатат и режимот и опозицијата.
Целосното овластување на преодната влада ќе ѝ овозможи да биде на позиција над претседателот на Сирија, Асад.
По формирањето на преодната влада, би требало да биде донесен устав и да бидат распишани избори.
Русија сака одредени претставници од опозицијата да бидат вклучени во администрацијата на Асад. Кога би се случило тоа, Асад би ги сочувал сите овластувања. Во декември 2015 година, точките на декларацијата се официјализирани со резолуцијата на Советот за безбедност на ОН (СБОН) 2254. На преговорите во Астана одржани минатиот месец, Москва на опозицијата ѝ го врачи Нацрт-уставот и сакаше да ја промени насоката во одлуката на СБОН.
Сѐ уште не е јасен ставот на САД, кои од минатиот месец се предводени од администрацијата на Доналд Трамп. Дипломатски извори истакнуваат дека при посетата на официјалните лица од Турција и САД во изминатите две недели, американската страна во поголемиот дел „слушала”, но не оддавала јасни ставови, и дека фокусот бил на борбата против терористичката организација ДЕАШ.
Мистура претходно во Анкара даде гаранција дека на преговорите во Женева нема да бидат повикани претставниците на ПКК/ПЈД. Опозицијата укажува на кршење на договорот за прекин на огнот, кој со посредство на Турција и Русија во Сирија стапи на сила на 30. декември минатата година, и сака да разговара за спроведувањето на договорот.
Исто така, делегацијата на сириската опозиција сака да се заврши опсадата, да се формира коридор за доставување хуманитарна помош и да се ослободат уапсените.
Режимот на Асад ги нарекува терористи претставниците од делегацијата на опозицијата што учествува во преговорите, така што се зголемуваат тензиите меѓу двете страни.
По состанокот во Астана, режимот и групите поддржани од Иран ги интензивираа нападите на Дамаск и околината. Честа цел на воздушните напади се Ал-Кабун и Безе, во Дамаск и Ал-Ваер во Хомс. Дипломатските извори наведуваат дека со овие напади коишто траат од мировните преговори во Астана, настојуваат опозицијата да ја вовлечат во судирите и со тоа да ги оддалечат од преговарачката маса.
Мистура предлага комисии што ќе се занимаваат со преодната влада, подготовка на Уставот и изборите.
Првите женевски преговори се одржани на 30. јуни 2012 година, а вторите започнаа на 22. јануари 2014 година, иако не вродија со плод. Третите преговори се одржани на почетокот од минатата година.