Ekipa
23 Февруари 2017•Ажурирај: 23 Февруари 2017
АНКАРА (АА) - Податоците на Меѓународниот институт за мировни истражувања во Стокхолм (SIPRI) покажуваат дека обемот на трговијата со оружје во периодот од 2012 до 2016 година е зголемен за 8,4 отсто во однос на претходниот период од пет години, јавува Anadolu Agency (AA).
Обемот на трговијата е во пораст од 2004 година, а значајно е зголемен од 2012 година. Додека во пораст е продажбата на оружје на Азија и на земјите од Блискиот Исток, во пад е продажбата на Европа, Америка и Африка.
Најголеми извозници на оружје се САД, Русија, Кина, Франција и Германија, кои прават 74 отсто од извозот на оружје.

- Азија -
Продажбата на оружје на земјите на Азија и Окенија во периодот 2012 – 2016 година е зголемена за 7,7 отсто.
Најголем увозник на оружје во споменатиот период беше Индија. Оваа земја ја зголеми продажбата на оружје за 43 отсто, и со тоа достигна на 13. место на глобалната листа на увозници на оружје.
Земјите на Југоисточна Азија го зголемија увозот на оружје за 6,2 отсто. Виетнам во последните пет години увозот на оружје го зголеми за 202 отсто, и со тоа од 29. достигна на десеттото место.
„Во Азија, во која не постои регионален механизам за контрола на оружјето, земјите продолжуваат да ги зголемуваат резервите на муниција“, изјави Сиемон Веземан, експерт од СИПРИ.
- Увозот на Блискиот Исток е удвоен -
Извештајот на СИПРИ покажува дека увозот на оружје на земјите на Блискиот Исток за пет години е зголемен за 86 отсто и дека учеството во глобалниот увоз изнесува 29 отсто.
Во истиот период, Саудиска Арабија купувањето на оружје го зголеми за 212 отсто, и со тоа дојде на второто место според увозот на оружје. Катар го зголеми увозот на оружје за 245 отсто. Веземан додаде дека земјите во регионот поголемиот дел од оружјето го увезуваат од САД и од Европа.
„И покрај падот на цената на нафтата, земјите од регионот во 2016 година продолжија да порачуваат оружје“, истакнува Веземан и додава дека блискоисточните земји придаваат големо внимание на оружјето за да се изборат со регионалните судири и тензии.
- САД ги предводи извозниците на оружје -
Најголем извозник на оружје во периодот 2012 – 2016 година беа САД, кои извозот го зголемија за 21 отсто во однос на претходниот период од пет години.
Извештајот покажува дека САД половина оружје продале на Блискиот Исток, а дека соработуваат со најмалку 100 земји кога станува збор за продажбата на оружје.
Русија со 23 отсто се наоѓа на второто место на глобалната трговија, а најмногу оружје им продавала на Индија, Виетнам, Кина и на Алжир.
Кина го зголеми извозот за 6,2 отсто и со тоа дојде на трето место, а следуваат Франција со шест, и Германија со 5,6 отсто.
Кога станува збор за африканскиот континент, Алжир е земја што има купено најмногу оружје, а следуваат Нигерија, Судан, Етиопија...
На американскиот континент, увозот на оружјето е намален, а Мексико во истиот период го зголеми за 184 отсто.
Европските земји го намалија увозот на оружје со 36 отсто.