Ömer Koparan,Ethem Emre Özcan
15 Декември 2021•Ажурирај: 16 Декември 2021
АЗЕЗ (АА)
- Омер КОПАРАН
Околу 250.000 цивили, кои се раселени од терористите на ЈПГ/ПКК од областа Тел Рифат во северна Сирија и чии блиски се убиени од терористичката организација, засолнети се во областа Азез, и веќе околу шест години копнеат по своите домови.
Откако терористичката организација ја зазеде областа Тел Рифат во февруари 2016 година со поддршка на Русија, околу 250.000 жители на Тел Рифат живеат подалеку од своите домови во областа Азез, каде што се засолнети околу шест години.
Поради огнот отворен од страна на терористите за време на миграцијата, голем број луѓе ги загубија своите роднини.
Повеќето од раселените луѓе од Тел Рифат се борат да преживеат во импровизирани шатори во Азез, кои се под контрола на опозицијата.
Дописникот на Агенција Анадолија (АА) се сретна со цивилите од Тел Рифат, кои, бегајќи од терористичката организација, живеат во областа Азез, на 2 километри од нивниот дом каде што се родени и израснати.

- „Од линијата на фронтот секој ден го гледаме нашето село“
Хаџ Али Мухамед, жител на Тел Рифат, кој е засолнет во Азез, рече: „Кога се случија нападите, ја напуштивме нашата куќа и останавме под маслиновите дрвја околу 10 дена. Не можевме да издржиме кога [членови на ЈПГ/ПКК] отворија оган на нас, мигриравме во безбедната зона. Во отворениот оган за време на мигрирањето, загинаа моите два сина. Сега чувам пет сирачиња.“
Нагласувајќи дека многу му недостига неговиот дом, Мухамед додаде:
„Нашите домови нема да ги оставиме на терористичката организација, дефинитивно ќе се вратиме. Со поддршка на Турција, ќе се вратиме во нашето село. Можеби мојот животен век нема да дозволи да се вратам во мојот дом, но ние секој ден го гледаме нашето село од првата линија на фронтот. На моите внуци им кажувам за нашето село и за моите сеќавања. Ако јас не успеам, моите внуци дефинитивно ќе се вратат.“
- „Сакам цела Сирија да биде исчистена од оваа терористичка организација“
Мустафа Ибрахим Акаш (46) рече дека тој и неговото семејство се засолниле во Азез поради нападите на терористичката организација ЈПГ/ПКК врз селото Мераназ на северот од Тел Рифат.
Истакнувајќи дека најтешкиот ден во неговиот живот бил денот кога го напуштил селото, Акаш рече:
„Нападите беа силни, моравме да заминеме. Како селани, ништо не понесовме со нас. Првиот ден го поминавме под маслинови дрвја. Се преселивме во центарот на Азез, почнавме да се сместуваме во кампови и куќи кои ги зедовме под наем. Не знаевме дека периодот на миграција ќе трае толку долго. Не можам да го заборавам денот кога мигриравме. Во нападите животот го загубија и деца. Спасив три деца со свои раце и истите тие три деца ги закопав со свои раце. Беше како апокалипса, секој се обидуваше да си го спаси животот, дури и ги заборавија своите деца.“
Наведувајќи дека изгубил еден од своите синови во нападите на ЈПГ/ПКК, таткото рече дека двајца негови синови во моментов во редовите на Сириската национална армија чуваат стража против организацијата.

Рече дека живеат на само 2 километри од нивните села окупирани од ЈПГ/ПКК: „Веќе шест години живееме подалеку од нашиот дом (од август 2016 година). Кога започна операцијата „Штитот на Еуфрат“, помислив дека операциите ќе се прошират до нашето село, но не се проширија. Исто така, имавме надеж и за операцијата „Маслинова гранка“ (во 2018 година), но и тогаш тоа не се случи.“
Истакнувајќи дека терористичката организација се обидува да направи раздор меѓу Арапите и Курдите во регионот, Акаш рече: „Ние немаме проблеми ниту со Курдите. Терористичката организација нема место во Сирија. Не сакам само моето село, туку и цела Сирија да се исчисти од оваа терористичка организација.“
- Ситуацијата во Тел Рифат
Областа Тел Рифат во Алепо падна во рацете на терористите на ЈПГ/ПКК во февруари 2016 година со воздушна поддршка на Русија.
Оттука терористичката ЈПГ/ПКК ги напаѓа турските безбедносни сили и позициите на опозициските борци, кои ја обезбедуваат сигурноста на населените места во регионот на операциите на „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“.
Поради нападите на ЈПГ/ПКК, од Тел Рифат се раселени околу 250.000 цивили кои побараа засолниште во областите близу турската граница.