ИСТАНБУЛ
Хусејин EЛ-КАБАНИ
Ограничувањата и забраните што ги донесе египетската администрација во однос на првиот претседател Мухамед Морси, од ден на ден доведоа тој да стигне до смртта.
Морси, кој беше уапсен во Египет во 2013 година со воен удар, почина во понеделникот, откако падна во несвест во судницата. Неговата смрт во судницата на дневен ред ги донесе произволните практики на кои беше подложен во затворот и влијанието на тие практики врз неговото здравје.
Според претходните изјави на самиот Морси, на неговото семејство и на разни меѓународни организации, Морси во затворот се наоѓал во самица, само неколку пати му било дозволено да има посети и да биде однесен во болница, а на сослушувањата го носеле во стаклен кафез. На тој начин Морси го изгубил контактот со надворешниот свет и неговото здравје постепено почнало да се влошува.
Морси, многу пати на сослушувањата, зад кафезот, се обиде да објасни дека треба да биде однесен во болница за лекување и дека неговиот живот е во опасност.
И неговото семејство повика на меѓународна правна постапка, па дури почнаа и да поднесуваат тужби до надлежните органи за да можат да го посетат во затворот.
- Забрани и ограничувања кон Морси
Забраните и ограничувањата на египетската администрација кон Морси беа изнесени во изјавите на Морси, на неговото семејство и од Британскиот парламентарен комитет. Можно е по редослед изјавите да се подредат на следниот начин:
5 мај 2019 година
43 дена пред Морси да го загуби својот живот, во писмената изјава од неговото семејство се истакнува дека Морси на сослушувањата го носат во темен стаклен кафез и дека му е прекинат контактот со надворешниот свет.
Во изјавата, се наведува дека на Морси не му било дозволено да се види со никого, освен со безбедносниот тим кој го придружувал. Бил држен во самица и целосно изолиран од надворешниот свет. Исто така, во изјавата се вели дека Морси откако бил уапсен само 3 пати се сретнал со семејството и неговите адвокати (2013 и 2017 година).
Во изјавата се посочува дека Морси, во август 2015, мај 2017, ноември 2017 и ноември 2018 година, земајќи збор во текот на расправата, во судницата нагласил дека неговиот живот е во опасност.
29 март 2018 година
Според изјавата на неговото семејство, се вели дека до нив стигнале информации дека здравјето на Морси се влошило како никогаш досега и дека затворската администрација била целосно незаинтересирана.
Во изјавата се истакнува дека одговорноста за смртта на нивниот татко е во претседателот Абдулфетах ел Сиси и Министерството за внатрешни работи.
Еден ден пред изјавата на неговото семејство, група пратеници од Велика Британија, по информациите дека здравјето на првиот избран претседател во земјата, Мухамед Морси, е влошено, побараа од египетската Влада да го посетат Морси во затворот.
Потсетувајќи на тоа дека условите под кои се држи Морси значително заостануваат од меѓународните и стандардите на Египет, пратениците од Велика Британија предупредија дека тоа би можело да доведе до смрт.
Во изјавата се наведува дека Морси покрај дијабетес, има болести на црниот дроб и бубрезите, и дека нема доволна медицинска нега.
23 ноември 2017 година
Мухамед Морси, на сослушувањето за предметот „Рации во затворите“, каде што покрај него имаше уште 25 обвинети рече: „Не тврдам дека сум болен, мојата ситуација е сериозна. Нема да се откажам од моето право да се прегледам во некоја приватна или јавна болница, надвор од затворската болница“.
7 јуни 2017 година
Мухамед Морси изјавил дека одбива да јаде затворска храна и дека во тој период во затворот „Тора“ се онесвестил два пати.
Синот на Морси, Абдула Морси, за време на судењето побарал збор од судијата за да каже дека здравствената состојба на татко му не е добра, но судијата не му дал право на збор.
„Мухамед Морси во судницата, на другите обвинети, кои исто така се наоѓале во стаклениот кафез, им кажал дека минатата недела, по посетата на семејството, два пати се онесвестил, но не добил никаква медицинска интервенција“, рече Абдулах, синот на Морси.
7 мај 2017 година
Морси, кој беше обвинет за „Навредување на судството“ пред Кривичниот суд во Каиро побара да се види со семејството и со адвокатите со кои не се сретнал околу 4 години.
Истакнувајќи дека „постојат некои опасни ситуации по неговиот живот“, Морси нагласил дека сака да се сретне со својот адвокат.
- Почина во судницата
Последниот пример на ограничувања и медицинска негрижа кон Морси беше забележан во судницата каде што почина.
Според британскиот весник „Индепендент“, очевидците во судот изјавиле дека за Морси, кој се онесвестил и паднал, никој не реагирал повеќе од 20 минути.
Абдул ел Хадат, на кого му се суди заедно со Мухамед Морси, истакна: „Остана долго време на земја сè додека не го однесоа полицајците. Амбулантната кола пристигна по 30 минути. Другите обвинети почнаа да викаат кога забележаа дека паднал на земја. Намерно не му помогнаа“.
Активист, кој не сакаше неговото име да биде обелоденето поради безбедносни причини, рече:
„10 минути откако Морси го прекина својот говор, обвинетите кои се наоѓаа во стаклениот кафез почнаа да викаат и да удираат по ѕидовите на кафезот дека Морси е онесвестен и дека му е потребна помош. И покрај извиците на неговото семејство, полицијата не презела ништо, повеќе од 20 минути. Подоцна полицијата ги извади нивните семејства од судницата и потоа дојде брзата помош“.
- „Морси го оставија да умре“
Во изјавата на Организацијата на Муслиманското братство (Ихван) по неговата смрт, се истакнува дека Морси, првиот претседател на Египет, кој беше избран на демократски избори, во затворот лежел под многу тешки услови во самица и дека бил лишен од највообичаени права за лекување. Во изјавата, исто така, се вели дека не му било дозволено да се среќава со неговото семејство и со неговите адвокати.
Во изјавата се повикува на формирање меѓународна комисија за истражување на смртта на Морси.
„Смртта на Морси е ужасен настан, но тоа е сосема разбирливо, со оглед на негрижата на египетската Влада во обезбедувањето на соодветна медицинска нега или на семејните посети“, рече Сара Леа Витсон, директор на „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch - HRW) за Блискиот Исток и Северна Америка.
- Каиро: Здравствената заштита му беше целосно обезбедена
Египетската државна телевизија и локалните медиуми, врз основа на информациите од здравствените извори, во своите информации истакнаа дека на Мухамед Морси без никакви недостатоци му се понудени здравствени услуги и во затворот и надвор од него.
Во изјавата се вели дека администрацијата на затворот за да му се обезбедат здравствените услуги на Морси соработувала со многу болници и дека во февруари 2017 година, Морси бил префрлен во приватна болница поради тековната болка во левата рака.
Кај Морси, кој бил упатен во полициската болница во градот Ел-Акуза, западно од главниот град Каиро, бил забележан зголемен крвен притисок, зголемен шеќер во крвта и хронично воспаление на нерв.
Комитетот за здравство, исто така, дијагностицирал дека има бениген тумор во мозочните садови и нервни контракции на десната страна на неговото лице.
Беше наведено дека извештајот за медицински преглед на Морси, кој Кривичниот суд во Каиро одлучи да го потпише во јуни 2017 година, е ист како и во претходните дијагнози.
Во изјавата се истакнува дека судијата на 29 ноември 2017 година побарал повторно да биде прегледан во болницата „Тора“ и дека медицинскиот тим од 10 лекари ги потврдиле сите тие болести.
Истиот извор објави дека Морси бил под редовна медицинска нега од ноември 2017 година и дека му бил обезбеден периодичен медицински третман.
Во изјавата, исто така, се забележува дека има документи со кои се потврдува дека на Морси му е обезбедена медицинска услуга и дека ќе бидат предадени до надлежните органи.
И во изјавата на Државната информативна служба објавена во весникот „Ел-Ахрам“, исто така, беа негирани зборовите на директорот на „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch - HRW) за Блискиот Исток и Северна Америка, Витсон, дека администрацијата во Каиро била небрежна во обезбедувањето на соодветна медицинска нега на Морси и дека тоа се само „тврдења“.
- Прв претседател кој дојде на власт со демократски избори
Мухамед Морси стана првиот претседател во историјата на Египет, избран по демократски пат во 2012 година, по популарната револуција во 2011 година, која го принуди поранешниот претседател Хосни Мубарак (1981 - 2011) да поднесе оставка.
На 3 јули 2013 година Морси беше соборен со воен удар од страна на тогашниот министер за одбрана, Абдулфетах ел Сиси, кој подоцна стана претседател.
news_share_descriptionsubscription_contact
