Hikmet Faruk Başer
06 Декември 2020•Ажурирај: 07 Декември 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - ХИКМЕТ ФАРУК БАШЕР -
Проф. д-р Хусеин Торос, дел од Катедрата на Факултетот за аеронаутика и астронаутика и од Факултетот за метеоролошки инженеринг при Истанбулскиот технички универзитет (ИТУ), изјави дека загадувањето на воздухот предизвикува предвремена смрт на приближно 7 милиони луѓе секоја година низ светот.
Торос за Агенција Анадолија (АА) истакна дека неефикасната употреба на ресурсите во светот и направениот отпад предизвикуваат големи проблеми од светски размери, како што се глобалното затоплување и климатските промени.
Наведувајќи дека загадувањето на воздухот е важен еколошки проблем кој има сериозни негативни ефекти врз здравјето, економијата и екосистемите, проф. Торос изјави: „Заладувањето на времето и зголемената употреба на различни фосилни горива за греење и метеоролошките услови, во значителна мерка го намалуваат квалитетот на воздухот, особено во градовите.“
Тој нагласи дека бебињата уште во матката на трудниците се негативно погодени од загадувањето на воздухот.
„Загадувачите што се испуштаат во воздухот од индустријата, сообраќајот и греењето, ги зголемуваат белодробните заболувања, како што се астма, ХОББ (хронична опструктивна белодробна болест), и кардиоваскуларните болести. Научните студии покажуваат дека загадувањето ги активира болестите на респираторниот тракт, карциномот на белите дробови и кардиоваскуларните заболувања, предизвикувајќи смрт. Загадувањето на воздухот е невидлив подмолен убиец кој убива полека, полека. Загадувањето на воздухот предизвикува предвремена смрт кај 7 милиони луѓе низ светот секоја година. За да ги намалиме трошоците за здравствена заштита и да ја зголемиме удобноста на животот, потребно е да не го намалуваме квалитетот на нашиот воздух.“
- „Треба да се стави крај на секаков вид отпад и ефикасно да се користат ресурсите за квалитет на воздухот“ -
Проф. Торос објасни дека доколку луѓето се грижат, аерозагадувањето ќе се намали, додавајќи дека тоа е одговорност на сите.
Наведе дека е потребно ресурсите да се користат ефикасно и да се преиспита начинот на потрошувачка.
„Првенствено е потребно да ставиме крај на секој вид отпад и ефикасно да ги користиме ресурсите за квалитетот на воздухот. Потребно е да претпочитаме чисти енергии за почист воздух. Во индустријата треба да користиме чисти технологии. Треба да се одржуваат обуки за ефикасно согорување. Целосното согорување ја зголемува енергетската ефикасност и го намалува загадувањето на воздухот“, истакна проф. Торос, додавајќи дека треба да се користат вентили со регулација на температурата во радијаторите и мерачи за споделување на топлината во големите згради.
„Во борбата против загадувањето на воздухот исто така е важно домовите и работните места на луѓето да се што е можно поблиску едни до други. За да се намали загадувањето на воздухот, потребно е да создадеме области за безбедно пешачење и возење велосипед, да ги зголемиме зелените површини и да користиме обновливи извори, како што е енергијата добиена од хидроелектраните, ветерниците, соларните и геотермалните извори. При реконструкцијата на градовите потребно е охрабрување на нови населби, имајќи ги предвид и метеоролошките услови“, порача проф. д-р Хусеин Торос.