06 Октомври 2021•Ажурирај: 07 Октомври 2021
СКОПЈЕ
Претседателот на Владата на Северна Македонија, Зоран Заев, на првата пленарна сесија на Самитот на ЕУ за Западен Балкан посветена на социоекономскитe прашања во соработка на земјите од регионот со Европската Унија, рече дека силен и просперитетен Западен Балкан претставува неопходен придонес за европската економија и дека без сомневање, целосната интеграција на Западен Балкан во Европската Унија треба да биде природен исход на реформскиот пат во регионот“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот Зоран Заев учествуваше на пленарната сесија на Самитот на ЕУ за Западен Балкан што се одржува во Словенија.
Заев, како што се наведува во соопштението од Владата, нагласи дека активностите на Владата за економски развој се одвиваат истовремено со мерките што обезбедуваат социјална сигурност и социјална правда, со позитивно влијание врз намалувањето на сиромаштијата и подобрувањето на социјалната вклученост.
„Преку дијалог и инклузивни платформи, нашите партнери за социјален дијалог ни помогнаа да ги збогатиме мерките кои се покажаа како социјално праведни“, потенцира премиерот Заев.
Тој додаде дека пандемијата од Ковид-19 дополнително ја забрза амбицијата за регионална интеграција, покажувајќи ги важните врски помеѓу пазарите во регионот, како и меѓу економиите на ЕУ и Западен Балкан. „За време на овие предизвикувачки времиња, регионот соработуваше, обезбедувајќи непречен проток на стоки во текот на целата криза.“
„Силен и просперитетен Западен Балкан претставува неопходен придонес за европската економија и без сомневање, целосната интеграција на Западен Балкан во Европската Унија треба да биде природен исход на реформскиот пат во регионот“, нагласи Заев.
„За Република Северна Македонија“, посочи премиерот Заев, „Економскиот и инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан е добредојдена и многу важна иницијатива, која покажува солидарност и грижа за регионот, зајакнување на економската активност и надградба на нејзината конкурентност.“
„Реализацијата на Економскиот и инвестициски план на Западен Балкан и Акциониот план на заедничкиот регионален пазар, ќе го трансформираат регионот, со што ќе се обезбедат зелени и повеќе дигитализирани економии, како и подобро вмрежување со единствениот пазар на ЕУ, насочен кон закрепнување од кризата предизвикана од Ковид-19, забрзувајќи го економскиот раст“, потенцира премиерот Заев на првата пленарна сесија на Самитот на ЕУ за Западен Балкан посветена на социоекономскитe прашања во соработка на земјите од регионот со Европската Унија.