06 Октомври 2021•Ажурирај: 07 Октомври 2021
БЕРЛИН
Германската Зелена партија сака да започне разговори со Социјалдемократите (SPD) и Либералните слободни демократи (FDP) за формирање нова трипартитна коалициска влада на таа земја, јавува Агенција Анадолија (АА).
„По нашите интерни разговори донесовме одлука. Би било разумно сега да имаме многу подлабоки разговори со СПД и ФДП“, рече копретседателката на Партијата на зелените, Аналена Баербок.
Нејзините забелешки дојдоа откако главните политички партии во земјата ги завршија билатералните разговори за можностите за коалиција по парламентарните избори на 26 септември.
Либералните слободни демократи треба да одржат интерна расправа во текот на денот за да одлучат за следниот чекор во преговорите за коалиција.
Социјалдемократите тесно ги совладаа Демохристијаните на изборите, но не успеаја да добијат мнозинство во Парламентот, а резултатите покажуваат дека Германија може да се соочи со неколкумесечни партиски преговори за формирање нова влада.
И покрај четвртото место, Либералните слободни демократи се појавија како клучен играч во преговорите.