Dejan Maksimovic,Senita Sehercehajic
06 Март 2020•Ажурирај: 06 Март 2020
ЗАГРЕБ (AA) – Министрите за надворешни работи на 27 земји членки на Европската Унија, по денешниот состанок во Загреб дадоа заедничка изјава во која изразија голема загриженост поради состојбата на грчко-турската граница, како и во сириски Идлиб, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Иако признава зголемен миграциски товар и ризици со кои Турција е соочена на својата територија и ги признава значителните напори кои ги вложи за да згрижи 3,7 милиони мигранти и бегалци, ЕУ ја повторува сериозната загриженост за состојбата на грчко-турската граница. Оваа ситуација на надворешната граница на ЕУ не е прифатлива. ЕУ и нејзините држави членки ќе ги преземат сите потребни мерки, во согласност со европското и меѓународното право“, истакнаа министрите за надворешни работи на ЕУ во заедничката изјава.
Исто така ја повторија „целосната солидарност со Грција која се соочува со незапамтена ситуација, како и со Бугарија, Кипар и другите држави членки, кои би можеле да бидат слично погодени“.
Советот ја поздравува практичната поддршка која Европската комисија ја најави на 4 март 2020 огдина и во тој поглед ќе ја продолжи блиската соработка со партнерите од Западен Балкан.
Темата на состанокот на Советот на министри за надворешни работи на ЕУ беше и состојбата во сириски Идлиб.
„Во Идлиб, неодамнешната и континуирана офанзива на сирискиот режим и неговите приврзаници, вклучувајќи ја Русија, создаде неописливо човечко страдање и предизвика најлоша хуманитарна криза од почетокот на сирискиот судир. Советот повикува на итна деескалација на судирите во Сирија за да се спречи влегување во меѓународна воена конфронтација и да се спречат понатамошни страдања.
„Советот жали поради загубата на животите. Исто така, ја признава тешката ситуација со која Турција се соочува поради офанзивата во Идлиб и нејзините последици“, се наведува во изјавата.
Се додава дека го поддржуваат исходот на вчерашниот состанок на претседалите на Турција и Русија во Москва и ги повикуваат сите страни да го одржат постигнатиот договор за примирјето, со што ќе биде гарантирана заштита на цивилите на терен и во воздух и така ќе се овозможи непречено пружање хуманитарна помош на меѓународната заедница.
„Иако Европската Унија го препознава присуството на терористичките групи во регионот, неселективните напади и уништувањето на цивилната инфраструктура, вклучувајќи ги здравствените установи, училиштата и населбите за раселените лица, од страна на сирискиот режим и неговите сојузници, не можат да се оправдаат ниту под кои било околности и мора да престанат. Го повторуваме ставот на ЕУ дека сите сторители на воени злосторства и злосторства против човештвото треба да одговараат“, се вели во заедничката изјава.
Исто така, министрите на ЕУ го повикаа сирискиот режим да се врати на преговарачката маса, нагласувајќи дека секое одржливо решение на судирите бара вистинска политичка транзиција.
Состанокот на Советот на министри за надворешни работи на Европската Унија, на кој присуствуваше и Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, одржан е денеска во Загреб.