Ekipa
15 Мај 2022•Ажурирај: 17 Мај 2022
БРИСЕЛ (АА) - Украина може да победи во војната против Русија, изјави денес заменик генералниот секретар на НАТО, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Бруталната инвазија на Русија губи замав“, изјави Мирча Џоана за новинарите пред започнување на вториот ден од неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО во Берлин.
Тој рече дека сојузниците на НАТО ѝ пружиле значителна воена, финансиска и хуманитарна поддршка на Украина.
„Со храброста на украинскиот народ, армијата и со нашата помош, Украина може да победи во оваа војна“, рече Џоана.
„Покрај последниот развој на настаните во Украина, министрите на земјите членки на НАТО ќе зборуваат и за долгорочната реформа како подготовка за лидерскиот самит што ќе се одржи во јуни во Мадрид“, додаде тој.
Џоана истакна дека шведскиот и финскиот министер за надворешни работи, исто така, пристигнале вчера со цел заедно со нивните колеги од НАТО да разговараат за плановите за пристапување кон Алијансата.
Нарекувајќи ги двете земји „вибрантни демократии“ и „најблиски партнери на НАТО“, тој рече дека е уверен дека ако двете земји решат да аплицираат за членство, сојузниците ќе најдат „услови за консензус“ и ќе им посакаат добредојде.
Тој рече дека министрите имале „искрена и конструктивна дискусија“ за процесот.
Нарекувајќи ја Турција важен сојузник, Џоана рече дека Анкара „изрази загриженост која беше разгледана и дискутирана меѓу пријателите и сојузниците“.
И Финска и Шведска дадоа сигнали дека може да поднесат истовремено апликации за членство во НАТО во наредните денови.
Турција изрази скептицизам во врска со нивните апликации за членство и упати остри критики до двете земји за толерирањето на терористичките организации ПКК и ЈПГ.
Во изјавата пред неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО вчера, Мевлут Чавушоглу рече дека Турција секогаш ја поддржува политиката на НАТО за отворени врати.
Сепак, тој истакна дека Шведска и Финска отворено ги поддржуваат и се ангажираат со терористичките организации како ПКК и ЈПГ, кои продолжуваат да вршат напади кон турските војници и цивилите.
Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, којашто се наоѓа на листата на терористички организации во Турција, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на над 40.000 луѓе, вклучувајќи жени, деца и доенчиња. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.