Ata Ufuk Şeker
28 Април 2021•Ажурирај: 28 Април 2021
БРИСЕЛ (АА) - Во Брисел се одржа првото рочиште во однос на тужбата поднесена од Европската Унија (ЕУ) против фармацевтската компанија „АстраЗенека“ поради доцнење во снабдувањето со вакцината против Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На рочиштето во Судот во Брисел присуствуваа адвокатите на Европската комисија и на компанијата „АстраЗенека“.
По сослушувањето на странките, судот одлучи следното рочиште да се одржи на 26 мај.
Хаким Буларбах, адвокатот на „АстраЗенека“ во изјавата за медиумите по првото рочиште изрази длабоко жалење за одлуката да се покрене правен процес против компанијата во врска со договорот за вакцини за Ковид-19.
Буларбах истакана дека се надеваат дека ќе го решат спорот во најбрз можен рок.
„Ние сакаме доволно брзо да пристигнат дозите во согласност со договорот“, рече портпаролот на Европската комисија, Стефан де Керсмакер, на дневната прес-конференција.
Посочувајќи дека следното рочиште ќе се одржи на 26 мај, Керсмакер, истакна: „Нашата цел е да обезбедиме дози за кои веруваме дека се наше право.“
Договорот на ЕУ со „АстраЗенека“ вклучуваше обезбедување 300.000.000 дози од вакцината и можност за купување дополнителни 100.000.000 дози, доколку се побара.
ЕУ во првиот квартал од годината очекуваше 120.000.000 дози вакцини, а компанијата беше во можност да обезбеди само 30.000.000 дози. Во вториот квартал, страната на ЕУ очекуваше 180.000.000 дози, но компанијата објави дека може да обезбеди 70.000.000 дози во овој период.
Европската комисија тврди дека „АстраЗенека“ и вакцините произведени во нејзините капацитети во Велика Британија треба да ги испраќа до земјите на ЕУ.
Компанијата тврди дека тие немаат обврски кон ЕУ во однос на конкретните услови за снабдување и датум.
ЕУ има за цел да вакцинира 70 проценти од возрасната популација до крајот на летото и се обидува да го забрза снабдувањето со вакцини за оваа намена.
Европската агенција за лекови (EMA) досега ја одобри употребата на четири вакцини против коронавирусот во членките на ЕУ. Тоа се вакцини што ги произведоа компаниите „БајоНтех-Фајзер“, „Модерна“, „АстраЗенека“ и „Џонсон и Џонсон“.