Aida Cako
23 Септември 2025•Ажурирај: 24 Септември 2025
СКОПЈЕ (АА) - Филипини и Тајван вчера ги суспендираа наставата и работата во државните институции во повеќе провинции, а аеродромот во Хонгконг разгледува можност за 36-часовно затворање поради супертајфунот Рагаса, јавува Анадолу.
Во главниот град на Филипините, Манила, како и во многу провинции, училиштата на сите нивоа и работата на секундарните владини служби e прекината. Неколку летови беа откажани и поради силни ветрови и дожд, според локалниот дневен весник „Инквајрер“.
Се предвидува дека тајфунот ќе помине блиску до островот Бабујан или ќе го погоди копното.
Според „Манила билтен“, околу 10.061 лице биле „превентивно евакуирани“ од областите со висок ризик во Северен и Централен Лузон.
Се очекува денес тајфунот да излезе од територијата на Филипини.
Во Тајван, Управата за персонал ги откажа наставата и работата во окрузите Пингтунг, Хуалиен и Тајтунг. Откажани се сите летови кон островите попладне, како и 88 траектни линии на 13 релации, јави „Фокус Тајван“.
Во Хонгконг, Аеродромската управа размислува да го затвори терминалот од вторник во 18 часот до четврток во 6 часот наутро поради „сериозни закани“ од тајфунот што, според „Саут Чајна морнинг пост“, може да донесе ветрови со јачина до 220 километри на час.
Во Кина, Одделот за превенција и ублажување на катастрофи при Бирото за вонредни состојби во градот Шенжен соопшти дека се подготвува евакуација на околу 400.000 жители што живеат во области што се загрозени од поплави.