Tonguçnaz Seleme Baştürk
13 Јули 2016•Ажурирај: 14 Јули 2016
ПЕКИНГ (АА) - Кина ги обвини Филипините дека „намерно погрешно го опишува” спорот во врска со Јужното Кинеско Море, откако Меѓународниот трибунал пресуди дека тврдењата на Пекинг дека има право над области од морето богато со ресурси, немаат никаква основа, јавува Anadolu Agency (AA).
Белиот документ што го содржи обвинувањето е објавен денес од страна на Канцеларијата за информации на Државниот совет во Пекинг, еден ден откако Постојаниот арбитражен суд во Хаг пресуди во корист на Манила, во случајот што го поднесе против Кина во 2013 година.
Пекинг бара сопственост над приближно 90 проценти од морето, површина означена со т.н. „линија со девет цртички” на кинеските официјални карти, додека Филипините и другите азиски земји имаат свои ставови во врска со територијата на морето.
Кина, која долго време инсистираше дека судот нема јурисдикција врз суверенитетот и поморската демаркација, се огласи по повод вчерашната пресуда прогласувајќи ја за „ништовна и неважечка”.
Белиот документ (обвинувањето) го повтори ставот на Кина дека на споровите во врска со источниот дел на морето (кој Манила го именува како Западно Филипинско Море), треба да им се пристапи преку преговори меѓу страните.
Во него се вели дека „Кина и Филипините сè уште немаат започнато преговори за надминување на меѓусебните спорови... Двете земји официјално се заложија за решавање на споровите преку преговори и консултации”.
Во документот се обвинува Манила дека „му го свртела грбот на погоре споменатиот консензус и заложбите, и еднострано иницирала арбитража за Јужното Кинеско Море” и „намерно погрешно го окарактеризирала и го спакувала територијалното прашање”.
Филипинскиот оддел за надворешни работи ја поздрави вчерашната пресуда.
„Нашите експерти ја проучуваа пресудата со исклучителна темелност и со внимание какво што заслужува овој значаен резултат. Во меѓувреме, ги повикуваме сите засегнати страни да покажат воздржаност и трезвеност”, се вели во соопштението на нивниот официјален сајт.
„Филипините ја повторија својата посветеност кон напорите за изнаоѓање мирно решение и за справување со споровите во однос на унапредувањето на мирот и стабилноста во регионот”.
Судот донесе одлука дека „не постои правна основа Кина да ги бара историските права за ресурсите во областите што се во рамките на ,линијата со девет цртички'”.
Toj истакна дека Кина ги прекршила суверените права на Филипините со „мешање во риболовот на Филипините, како и во нафтените истражувања, во изградбата на вештачки острови, и не успеала да ги спречи кинеските рибари да рибарат во зоната“.
„Трибуналот понатаму смета дека бродовите на кинеските безбедносни сили создаваат сериозен ризик од судири, кога тие физички ги попречуваат филипинските бродови", се додава во соопшението.
Јужното Кинеско Море е еден од најфреквентните поморски правци и се верува дека лежи над големи резерви од нафта и гас, но Виетнам, Малезија, Брунеите и Тајван исто така сметаат дека одредени води, острови и гребени од регионот се нивна територија.