Ekipa
10 Мај 2016•Ажурирај: 11 Мај 2016
ЗАМБОАНГА (АА) - Според прелиминарните резултати од вчера одржаните претседателски избори, поранешниот градоначалник на Давао, Родриго Дутерте, ќе биде првиот претседател на Филипините, јавува Anadolu Agency (AA).
Филипинската Централна изборна комисија доцна синоќа ги соопшти прелиминарните резултати од изборите врз база на 91,33 отсто од пребројаните гласачки ливчиња, а Дутерте има предност од околу шест милиони гласови во однос на неговиот најблизок следбеник.
Според прелиминарните резултати Дутерте освоил 15.342.569 гласа, додека најдобриот од вкупно четирите негови опоненти беше Мануел „Мар” Роксес со 9.249.813 гласови. Всушност Роксас ја имаше поддршката од актуелната власт и претседателот на Филипините, Бенињо Акино.
„Според неофицијалните резултати изгледа дека Дигонг ќе биде новиот претседател на Филипини. Ти посакувам успех”, изјави Роксас, кој Дутерте го нарече со неговиот прекар.
Да потсетиме дека во текот на предизборната кампања Дутерте предизвика големо внимение на јавноста со својата реторика и ветувањата дека ќе започне „крвава војна” против криминалците и неговите пораки дека криминалните структури на Филипините „може да ги заборават човековите права”. Одредени западни медиуми го нарекуваат „филипинскиот Трамп”. Внимание привлекува и со своите надворешно-политички ставови со критики насочени кон САД и Австралија како најблиски партнери на Филипините, а неретко на шега со погрдни имиња го именува и поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско.