Alma Dekovic
26 Август 2022•Ажурирај: 27 Август 2022
КИЕВ (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека неговата земја и Европа за влакно избегнале радијациска катастрофа откако нуклеарната централа „Запорожје“ беше исклучена од електричната мрежа за првпат поради руското гранатирање, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Дизел агрегатите беа веднаш активирани за да обезбедат енергија за самата централа, за да ја поддржат по исклучувањето. Светот мора да разбере за каква закана станува збор: ако дизел агрегатите не беа вклучени, ако автоматизацијата и нашиот персонал на централата не реагираа по прекинот на струја, тогаш веќе ќе бевме принудени да ги надвладееме последиците од несреќата со радијација“, објасни Зеленски во последното видеообраќање до нацијата.
Украинскиот претседател ја повика меѓународната заедница да изврши притисок врз Русија веднаш да се повлече од нуклеарната централа „Запорожје“.
„Меѓународната агенција за атомска енергија и другите меѓународни организации мора да дејствуваат многу побрзо отколку што прават сега“, додаде тој.
Нуклеарната компанија „Енергоатом“ соопшти дека централата била затворена откако пожарот ги оштетил далноводите што ја поврзуваат со мрежата.
Проруските власти во Енергодар, каде што се наоѓа електраната, тврдеа дека безбедносниот систем на електраната бил активиран поради прекинот на електричната енергија по конфликтот во регионот.
Во Запорожје се наоѓа најголемата нуклеарна централа во Европа, која сочинува 20 отсто од производството на електрична енергија во Украина. Русија ја зазеде електраната во копнена операција на 4 март.