Orhan Onur Gemici
26 Август 2022•Ажурирај: 29 Август 2022
АНКАРА (АА) - Терористичката организација ПКК/ПЈД-ЈПГ извршила егзекуција на тројца терористи кои сакале да побегнат од организацијата и да се предадат на безбедносните сили, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како резултат на напорите за убедување извршени од страна на Генералната команда на жандармеријата и Генералниот директорат за безбедност под координација на Министерството за внатрешни работи, од 1 јануари до денеска, 26 август, 74 припадници на терористичката организација им се предале на безбедносните сили.
Според информациите добиени од турските безбедносни извори, се зголемува распаѓањето во терористичката организација, која загуби многу таканаречени водачи како резултат на операциите извршени во земјата и во странство со употреба на националните беспилотни летала.
Припадниците на терористичката организација, кои се обидоа да ја сокријат вистината за распаѓањето на организацијата од семејствата на членовите на организацијата и од нивните поддржувачи, почнаа со егзекуции по наредба на т.н. водачи.
Во овој контекст, откриено е дека терористите Четин Суер, Седат Суер и Фуат Балчак, кои дејствувале во рамките на ПКК/ПЈД-ЈПГ во регионот Дерик во Сирија, се егзекутирани бидејќи сакале да побегнат од организацијата и да се предадат на безбедносните сили.
Утврдено е дека терористичката организација, за да ги прикрие егзекуциите, ги обвинила убиените терористи дека дејствувале како шпиони.