Jeyhun Aliyev
20 Јуни 2022•Ажурирај: 21 Јуни 2022
АНКАРА (АА) - Украинскиот претседател, Владимир Зеленски, синоќа во видеообраќање изјави дека за Украина започнува историската недела за кандидатскиот статус во Европската Унија (ЕУ), пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Утре започнува навистина историска недела. Недела кога ќе го слушнеме одговорот од Европската Унија за кандидатскиот статус за Украина. Веќе имаме позитивна одлука од Европската комисија, а на крајот на новата недела ќе има одговор од Европскиот совет“, рече тој.
Потсетувајќи дека од распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година имало „малку такви судбоносни одлуки“ за Украина, Зеленски рече дека е убеден дека „само позитивна одлука“ ги задоволува интересите на цела Европа.
Украинскиот претседател истакна дека ќе има нови обраќања во текот на неделата, вклучително и до Европејците, додавајќи дека ќе ја искористи „секоја можност за бранење на европската перспектива на Украина, за секој од нас, и за собирање нови поддржувачи“.
„Очигледно треба да очекуваме поголема непријателска активност од Русија. Намерно - демонстративно. Токму оваа недела. И не само против Украина, туку и против другите европски земји. Се подготвуваме. Подготвени сме. Ги предупредуваме партнерите“, рече тој.
Зеленски, исто така, истакна дека руските сили акумулираат сили во правец на Харков, во регионот Запорожје, истакнувајќи дека тие повторно удираат врз инфраструктурата за гориво на Украина, со цел да ја влошат ситуацијата со горивото во земјата разорена од војна.
Тој вети дека Украина ќе одговори на тоа.
Зеленски рече дека жестоки борби продолжуваат во источниот регион Донбас, каде што руската Армија „користи обемна“ артилерија и офанзивни сили.
„Но, Северодонецк, Лисичанск, Авдиивка, Краснохоривка и другите жаришта се држат. Нашиот народ е таков. Се држи. Нашата армија се држи. И јас сум благодарен на сите чија сила денес значи наша победа утре“, додаде украинскиот претседател.