Ekipa
20 Јуни 2022•Ажурирај: 22 Јуни 2022
БРИСЕЛ (АА) - Министрите за надворешни работи на Европската Унија (ЕУ) денес одлучија да ги обноват санкциите против Русија поради нелегитимната анексија на Крим и Севастопол, јавува Агенција Анадолија (АА).
Одлуката ги продолжува рестриктивните мерки насочени кон финансиските инвестиции и туризмот и го блокира увозот на стоки од Крим и Севастопол до 23 јуни 2023 година.
Блокот, исто така, ја продолжува забраната европските телекомуникациски, транспортни и енергетски компании да извезуваат стоки и услуги во локални компании.
„ЕУ не ја признава и продолжува да ја осудува нелегитимната анексија на полуостровот Крим како сериозно кршење на меѓународното право“, се вели во соопштението на Европскиот совет во кое се најавува продолжување на санкциите.
Сегашните мерки се дел од различните режими на санкции на Блокот што беа воведени во 2014 година како одговор на руското кршење на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
ЕУ, исто така, воведе шест пакет-санкции против Русија од почетокот на нејзината војна во Украина на 24 февруари.
Пакетите се насочени, меѓу другото, кон рускиот претседател Владимир Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, забрана за увоз на нафта и јаглен, извоз на луксузни стоки и исклучување на руските и белоруските банки од користењето на меѓународниот банкарски систем СВИФТ.