Ruslan Rehimov
08 Април 2022•Ажурирај: 09 Април 2022
КИЕВ (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека добиле информација дека Русите ќе извршат опсежна провокација во Мариупол кој го држат под блокада, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Тие ќе покажат дека жртвите во Мариупол изгледаат како да се убиени од Украинци, а не од Руската армија. Тие собираат трупови од улиците и можат да ги користат на друго место за нивните пропагандни сценарија“, рече Зеленски.
Во обраќањето до нацијата, Зеленски изјави дека рускиот напад врз Украина трае 43 дена и дека украинскиот народ храбро пружа отпор.
„Кога сите во светот би имале 10 проценти од храброста што ја имаме ние, Украинците, тогаш немаше да има опасност за меѓународното право, за слободата на народот“, рече Зеленски.
Истакнувајќи дека санкциите против Русија се недоволни за да се запре војната, Зеленски рече дека се потребни поголеми и похрабри санкции, додавајќи: „Ако ни се даде оружје, тоа ќе биде најсилната санкција за Русија.“
Тој потсети дека Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) вчера го суспендира членството на Русија во Советот за човекови права на ОН поради кршење на човековите права во Украина.
„Русија долго време нема никаква врска со концептот на човекови права. Можеби тоа ќе се промени еден ден. Но досега, руската држава и руската војска претставуваат најголема закана за концептите на слобода, човекова безбедност и човекови права во светот. Тоа јасно се виде во Буча“, нагласи Зеленски.
Напомена дека Русија во наредниот период ќе изврши опсежни провокации и дека имаат информации за тоа.
„Имаме работа со нехумани окупатори. Тие користат трупови како украси и пропаганден материјал за да ги прикријат сопствените убиства“, рече Зеленски.
Тој ги повика странските дипломати да се вратат во Киев, нагласувајќи дека продолжувањето на работата на дипломатските претставништва во Киев е јасна порака која покажува дека Киев е главен град на Украина, а не на руска покраина.