Firdevs Yüksel
04 Март 2022•Ажурирај: 05 Март 2022
ИСТАНБУЛ (АА) ‒ Сите безбедносни системи на шесте реактори во нуклеарната централа „Запорожје“ не се погодени, ниту пак е истечен радиоактивен материјал, изјави денеска генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), Рафаел Гроси, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зборувајќи на прес-конференцијата во седиштето на агенцијата во Виена, Гроси потврди дека проектил погодил објект во централата, кој не бил дел од никаков реактор.
Тој, исто така, потврди дека двајца припадници од обезбедувањето на централата биле повредени.
Според Гроси, системите за набљудување на радијацијата се целосно функционални, иако рече: „Операторот и регулаторот ни кажуваат дека ситуацијата природно продолжува да биде многу тензична и предизвикувачка поради околностите.“
„Има само една реакторска единица која работи со околу 60 проценти од својот капацитет. Единицата 1 беше во прекин поради одржување. Единиците 2 и 3 се во безбедносно контролирано исклучување. Единицата 4 е таа која сѐ уште работи на 60 проценти и единиците 5 и 6 веќе беа чувани како резерва; тие работат нормално во режим на мала моќност“, истакна Гроси.
‒ Пожарот во нуклеарната централа „Запорожје“ ‒
Украинскиот претседател Владимир Зеленски денеска рече дека нападите на руските војници врз нуклеарната централа „Запорожје“ мора да бидат запрени затоа што ако настапи експлозија „тоа ќе биде крајот на Европа“.
„Европа мора да се разбуди сега. Најголемата нуклеарна централа во Европа е зафатена со пожар. Во моментов, руските тенкови гаѓаат нуклеарни единици. Станува збор за тенкови опремени со термички апарати, па така тие знаат во што пукаат. Тие се подготвуваа за ова“, рече украинскиот претседател преку видеопорака објавена на социјалните мрежи.
Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, денеска рече „Руската армија од сите страни гаѓа во нуклеарната централа „Запорожје“, најголемата нуклеарна централа во Европа. Пожарот веќе избувна.“
ИАЕА објави дека пожарот во нуклеарната централа не ја зафатил основната опрема.
По синоќешните судири со украинските сили, централата е сега под контрола на руските сили.
‒ Централата е една од 10-те најголеми нуклеарни централи во светот ‒
„Запорожје“ (NPP), која беше изградена помеѓу 1984 и 1995 година, е најголемата во Европа и исто така, помеѓу 10-те најголеми централи во светот.
Со седиште во југоисточна Украина во близина на градот Енерходар, „Запорожје“ (NPP) генерира 20 проценти од електричната енергија во Украина.
Нејзините шест реактори, секоја со нето-капацитет од 950 мегавати, можат да снабдуваат енергија за речиси 4 милиони домаќинства со вкупно производство на електрична енергија од 5.700 мегавати.