Mehmet Burak Karacaoğlu,Ahmet Karaahmet
16 Јануари 2021•Ажурирај: 17 Јануари 2021
ИДЛИБ (AA) - БУРАК КАРАЏАОГЛУ/АХМЕТ КАРААХМЕТ -
Бројни цивили што се наоѓаат во шатори во покраината Идлиб во северозападна Сирија, каде што најдоа засолниште бегајќи од нападите на сирискиот режим на Башар ал Асад и неговите приврзаници, овој пат се борат со тешките и нехумани услови во коишто живеат, јавува Агенција Анадолија (AA).
Сега се наоѓаат во особено тешка ситуација откако шаторите во кои живеат се поплавени по силниот дожд и ветерот.
Мухамед Халаџ, координатор во бегалскиот камп, во разговорот за АА кажа дека се поплавени дури 23 кампови во северна Сирија и дека луѓето во шаторите живеат во многу тешки услови.
Тој посочи дека, според неговите сознанија, околу илјада семејства што живеат во бегалските кампови практично се останати без покрив над главата.
Затоа Халаџ ги повика организациите за хуманитарна помош, што делуваат во регионот, да реагираат брзо, напоменувајќи дека на цивилите што живеат во камповите им е итно потребна помош.
Абу Ахмед, кој поради нападите на режимот на Асад морал да избега од градот Саракиб, рече дека живеат во многу нехумани услови.
„Немаме каде да одиме. Поставивме шатор на земјоделско земјиште. Кога врне, насекаде има кал. Патиштата се пресечени. Тешко нè снабдуваат со вода“, рече Ахмед.
Друг жител на кампот, Халид Осман, истакна дека живеат во многу тешки услови во шаторите.
„Патиштата се затворени кога врне. Шаторите не можат да нѐ заштитат од дожд, студ и ветер. Животот во шатори има многу негативно влијание врз децата и жените“, рече Осман.
Со посредство на Турција, Русија и Иран, за време на преговорите во мај 2017 година во Астана, Идлиб беше прогласен за зона на деескалација, исто како и регионите на Хомс, Источна Гута и Дера-Кунејтра. Силите лојални на режимот на Асад го искористија воспоставувањето на примирјето и со поддршка на руските воздухопловни сили ги зазедоа сите три региони, додека Идлиб остана под контрола на опозицијата.
Во Сочи на 17 септември 2018 година беше постигнат дополнителен договор за прекин на судирите и воспоставување демилитаризирана зона во Идлиб. Според договорот, опозициските сили наредниот месец го повлекоа тешкото вооружување од Идлиб.
Русија и режимските сили во мај 2019 година започнаа операции со кои зазедоа многу населени места во зоната на деескалација на судирите во Идлиб.
Турција и Русија на 5 март минатата година постигнаа нов договор во Москва.
Режимските сили повремено го прекршуваат примирјето, кое во голема мера се почитува. Во периодот помеѓу 2017 и 2020 година околу два милиони цивили беа принудени да мигрираат кон подрачјата во близина на турската граница.