Bahtiyar Abdukerimov
12 Февруари 2017•Ажурирај: 12 Февруари 2017
АШХАБАД (АА) - Во Туркменистан денеска се одржуваат претседателски избори на кои 3,2 милиони регистрирани гласачи ќе го бираат шефот на државата и командантот на војската со мандат во траење од 7 години, јавува Anadolu Agency (AA).
Утрово во Туркменистан се отворени избирачките места низ целата земја.
Во изборната трка учествуваат девет кандидати, меѓу кои се наоѓа и актуелниот претседател Гурбангули Бардимухамедов, кој е кандидат на владејачката Демократска партија на Туркменистан.
Бардимухамедов веќе една деценија се наоѓа на функцијата претседател на Туркменистан и во претходните два изборни циклуси имаше освоено повеќе од 97 отсто од гласовите. Анкетите и овојпат го истакнуваат како голем фаворит.
Негови најголеми ривали според предизборните проценки би требало да бидат кандидатот на Партијата на индустријалци и земјоделци и генерале директор на банката Рисгал, Бекмурат Аталујев и лидерот на Партијата за аграр, Дурдугулуџ Оразов.
Во изборната трка учествуваат уште шест кандидати. Маскар Ананепесов, Сердар Џелилов, Сулејманепес Нурнепесов, Меретдурди Гурбанов, Рамазан Дурдјев и Џуманазар Анајев.
Со неодамнешните уставни реформи во Туркменистан, претседателскиот мандат е зголемен од 5 на 7 години и укината е горната старосна граница за претседателски кандидат, која претходно изнесуваше 70 години.
Покрај домашните надлежни изборни комисии, денешните претседателски избори во Туркменистан ги следат и меѓународни набљудувачи од Европската организација за безбедност и соработка (ОБСЕ), Шангајската организација за соработка и Заедницата на независни држави.