Servet Günerigök
17 Февруари 2019•Ажурирај: 18 Февруари 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Стејт департментот соопшти дека портпаролката Хедер Нојерт се повлекла од разгледување на понудата за американски амбасадор во ОН, јавува Anadolu Agency (AA).
Во декември минатата година, претседателот Доналд Трамп објави дека ја предлага Нојерт за местото во ОН, како замена за амбасадорката Ники Хејли, но до Сенатот не беше испратена формална номинација.
Објавувајќи ја својата одлука за Нојерт, претседателот Трамп истакна дека Нојерт е „многу талентирана, многу паметна, многу брза“, и дека смета оти ќе биде почитувана од сите.
„Благодарна сум на претседателот Трамп и на државниот секретар Помпео за довербата што ми ја доведоа поради тоа што ме зедоа предвид за местото американски амбасадор во Обединетите нации“, истакна Нојерт во соопштението.
„Сепак, изминатите два месеца беа исцрпувачки за моето семејство, и поради тоа, во најдобар интерес за моето семејство е да го повлечам моето име од номинацијата за таа позиција.“
Нојерт, како портпаролка на Стејт департментот дојде во 2017 година, без никакво искуство во надворешната политика. Департментот драматично ги намали своите прес-конференции од еднаш дневно на само неколку неделно.
Во истото соопштение Помпео ја пофали Нојерт за „ненадминатата извонредност“.
„Нејзината лична одлука да го повлече своето име од позицијата можен амбасадор на САД во Обединетите нации е одлука за која имам голема почит“, рече Помпео.
Во соопштението се истакнува дека Трамп наскоро ќе го соопшти новото име за функцијата во ОН.