Gözde Bayar
02 Јануари 2023•Ажурирај: 02 Јануари 2023
АНКАРА (АА) - Израелската војска денес изврши ракетен напад врз Меѓународниот аеродром во Дамаск во кој загинаа најмалку четири лица, меѓу кои двајца сириски војници, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Нападот, кој се случил околу 2 часот по полноќ по локално време, го стави надвор од функција главниот аеродром во земјата, објави сириската државна новинска агенција САНА.
„Израел изврши напад со баражен оган од проектили, гаѓајќи го Меѓународниот аеродром во Дамаск и неговата околина“, изјави воен извор за САНА, која објави дека во нападот загинале двајца сириски војници.
Но, Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Велика Британија, која се потпира на широка мрежа на извори од теренот во Сирија, соопшти дека во нападот рано утрово загинале вкупно четири лица.
Засега нема изјави од Израел во врска со нападот.
Ова е вторпат Меѓународниот аеродром во Дамаск да биде ставен надвор од функција за помалку од една година.
Сирија е опустошена од граѓанска војна која почна во 2011 година, кога режимот на Башар ал Асад ги разби продемократските протести.
Според проценките на Обединетите нации (ОН), во војната загинале стотици илјади луѓе, а над 10 милиони се раселени.