Burak Bir
27 Април 2020•Ажурирај: 28 Април 2020
ЕРУСАЛИМ (АА) - Арапски пратеник во израелскиот Парламент (Кнесет), изрази благодарност за напорите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кои резултираа со враќање на палестинските студенти од Турција, кои останаа во земјата по воведените ограничувања за спречување на [ширењето на коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ахмед Тиби, лидерот на политичката алијанса Арапска заедничка листа, рече дека и покрај прекинот на летовите, авион на „Туркиш ерлајнс“ со палестинските студенти полетал од Истанбул кон аеродромот „Бен Гурион“ во Тел Авив.
Видео објавено од канцеларијата на Тиби покажува како палестинскиот законодавец е критикуван од страна на членовите на владејачката израелска партија Ликуд, за неговото заблагодарување упатено кон Ердоган за организирањето на вакви летови.
„Друг авион со нашите синови слета вечерва. Ова беше втор хуманитарен потег на турскиот претседател по нашето барање. Минатата недела исто така пристигна авион со наши студенти“, рече тој.
По критиките од пратениците на партијата Ликуд, осврнувајќи се на Ердоган, Тиби изјави: „Сакам харизматични лидери. Не такви со обвинувања за корупција“, алудирајќи на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Тој понатаму рече дека Нетанјаху „моли за да се смири со Ердоган“.
Вирусот Ковид-19 најпрвин се појави во Вухан, Кина, во декември 2019 година и досега се рашири во околу 200 земји низ светот, пренасочувајќи го епицентарот на заразата кон Европа и САД.
Пандемијата во светот досега зеде над 206.500 животи, бројот на дијагностицирани случаи со вирусот изнесува над 2,97 милиони, додека над 865.700 заболени оздравеа, покажуваат податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.