Ekip
05 Октомври 2021•Ажурирај: 06 Октомври 2021
КУДС
Израелската влада планира да изгради 10.000 нови станбени единици во близина на зоната Каландрија во окупираниот Источен Кудс, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Израелскиот „Канал 13“ соопшти дека Општината Кудс (Ерусалим) под контрола на Израел планира да ги изгради новите населби на земјиштето на напуштениот Меѓународен аеродром „Кудс“ во Каландрија, во близина на израелската индустриска зона позната како Атарот.
Радиодифузерот, сепак, не даде дополнителни детали за плановите во врска со станбените единици.
До 1967 година, аеродромот во Кудс, познат и како аеродром „Каландрија“, беше единствениот аеродром на Западниот Брег. Кога Израел ја окупираше територијата, ја ограничи употребата на аеродромот само за домашни летови пред целосно да го затвори во 2000 година.
„Израел се обидува да изгради нова населба на аеродромот во Кудс“, изјави за АА во декември минатата година Халил Тафаџи, директор на Одделот за картографија во Арапското здружение за студии, со седиште во Кудс.
Изграден во 1920 година, аеродромот во Кудс беше отворен во 1924 година од страна на британските власти кои имаа мандат. Во 1936 година, аеродромот почна да се користи за редовни летови.
„Аеродромот беше изграден на површина од 1.200 дунуми (297 акри). Планираната израелска населба ќе биде изградена на поголемиот дел од аеродромското земјиште“, рече Тафакџи.
Израелската група за права „Мир сега“ во неодамнешниот извештај рече дека израелските власти сметаат дека земјиштето на аеродромот е во државна сопственост и дека може да се изградат домови за населување без конфискација на земјиште од палестинските сопственици.
Групата, сепак, рече дека дел од земјиштето на аеродромот е во приватна сопственост на палестински поединци.
Според невладината организација, израелскиот план вклучува уривање на десетици палестински домови изградени во таа област под изговор дека немаат градежни дозволи.
„Уривањето на аеродромот во Кудс значи дека Израел ќе ја искорени секоја шанса за формирање главен град на палестинската држава во Источен Кудс“, истакна Тафакџи.
Меѓународното право ги смета и Западниот Брег и Источен Кудс за окупирани територии, а сите еврејски активности за изградба на населби таму за незаконски.