Ekipa
19 Октомври 2022•Ажурирај: 20 Октомври 2022
АНКАРА (АА) - Израел денеска соопшти дека нема да испорачува оружје за Украина, но понуди помош во развојот на систем за рано предупредување од евентуален ракетен напад, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Нашата политика во однос на Украина нема да се промени - ние ќе продолжиме да го поддржуваме и да стоиме со Западот. Нема да обезбедуваме системи за оружје“, рече министерот за одбрана, Пени Ганц, на брифингот пред амбасадорите на ЕУ во Израел.
Ганц ги наведе „ограничувањата“ и „различните оперативни размислувања“, како причина за одбивањето да ѝ даде оружје на Украина.
„Побаравме од Украинците да споделат информации за нивните потреби и понудивме да помогнеме во развојот на систем за рано предупредување што спасува животи“, додаде тој на брифингот, а беше цитиран од весникот „Ерусалим пост“.
Ганц вчера ги негира извештаите за продажба на оружје на Украина, еден ден откако министерот за дијаспора, Нахман Шаи, ја повика израелската Влада да испрати оружје во Украина како одговор на извештаите за испраќање ирански ракети во Русија.
Коментирајќи ги изјавите на Шаи, Ганц рече: „Тој греши, јас сум министер за одбрана кој е одговорен за извозот на израелското оружје.“
Како одговор на коментарите на Шаи, поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев упати предупредување до Израел да не испорачува оружје на Украина.
„Изгледа Израел ќе му доставува оружје на режимот во Киев. Многу избрзан чекор. Тоа ќе ги уништи сите меѓудржавни односи меѓу нашите земји“, истакна Медведев.
Ганц рече дека Израел ја следи вмешаноста на Иран во војната во Украина, и покрај негирањето на Техеран дека ѝ дал беспилотни летала и ракети на Москва.
„Гледаме дека Иран обезбедува беспилотни летала и може да обезбеди дополнителни напредни системи во блиска иднина. Иранците методично лажат за продажбата на оваа опрема“, изјави тој.