Ahmed Asmar
12 Февруари 2025•Ажурирај: 12 Февруари 2025
РАМАЛА (АА) - Израелската армија утринава се повлече од јужната област Тубас на северниот дел на окупираниот Западен Брег по 11-дневна воена операција, јавува Анадолу.
Очевидци за Анадолу изјавија дека израелската армија ги напуштила сите локации во бегалскиот камп Фара што го зазеде, но зад себе остави големи разурнувања.
Во меѓувреме, израелската армија ја продолжува својата разорна офанзива во областите Џенин и Тулкарем, северниот дел на Западниот Брег, која започна на 21 јануари, при што досега има над 30 убиени, раселени се илјадници луѓе, а предизвикани се и големи разурнувања.
Израелската ескалација на Западниот Брег следуваше по договорот за прекин на огнот и размена на заробеници во Газа што стапи на сила на 19 јануари по повеќе од 15 месеци израелско бомбардирање во кое се убиени над 48.200 Палестинци.
Од почетокот на војната на 7 октомври 2023 година, израелските сили и доселеници убиле најмалку 910 Палестинци низ окупираниот Западен Брег, според Министерството за здравство.
Во јули 2024 година Меѓународниот суд на правдата ја прогласи повеќедецениската окупација на Палестина од страна на Израел за нелегална и побара евакуација на сите постојни населби на Западниот Брег и во Источен Ерусалим.