Ahmed Asmar
10 Октомври 2023•Ажурирај: 11 Октомври 2023
АНКАРА (АА) - Израелската војска утрово соопшти дека ја вратила целосната контрола врз пограничните области со Газа, три дена откако палестинската група Хамас се инфилтрира на израелски локации преку пограничните подрачја, пренесува Анадолу.
Во соопштението пренесено од информативната веб-страница „Тајмс оф Израел“, портпаролот на израелската армија Даниел Хагари истакнува дека инженерските единици на израелската војска ги расчистуваат областите и дупките во израелската ограда по должината на границите со Газа што ги направиле борците на Хамас.
„Ниту еден терорист (борците на Хамас) нема влезено преку оградата вчера“, рече Хагари.
Портпаролот на војската, сепак, призна дека сè уште има „мал број“ палестински борци што „се кријат на израелска територија“.
Палестинската група Хамас ја започна операцијата „Поплава Ал Акса“ против Израел рано утрото во саботата, истрелувајќи бараж ракети и инфилтрирајќи се во Израел преку копно, воздух и море. Се наведува дека ненадејниот напад е одговор на упадот во џамијата „Ал Акса“ во окупираниот Источен Кудс (Ерусалим) и зголеменото насилство на доселениците врз Палестинците.
Како одмазда, израелската војска против Хамас ја започна операцијата „Железни мечеви“ во Појасот Газа.
Бројот на Палестинци кои загинаа во израелските напади во Газа се искачи на 704, од кои 143 деца и 105 жени, соопшти утрово Министерството за здравство во Газа. Се наведува дека бројот на ранети се искачил на околу 4.000.
Според израелското Министерство за здравство, во борбите загинале најмалку 900 Израелци, а над 2.600 се ранети.