Aida Cako
04 Август 2025•Ажурирај: 05 Август 2025
СКОПЈЕ (AA) – Најмалку 55 Палестинци се убиени вчера, во нов бран израелски напади низ целиот Појас Газа, меѓу кои 27 лица кои биле застрелани додека чекале хуманитарна помош на неколку локации, соопштија медицински извори, јавува Анадолу.
Во најновиот напад, седум Палестинци ги загубија животите откако израелската Армија отвори оган кон луѓе кои чекале помош во јужниот дел на Газа.
Уште девет лица беа убиени во близина на пунктовите за дистрибуција на помош во северниот дел на Рафа, исто така во јужна Газа.
Двајца Палестинци се убиени, а неколку други беа повредени во израелски воздушен напад врз училиште што служело како засолниште за раселените цивили во населбата Ал-Амал во Хан Јунис.
Еден хуманитарен работник од Палестинската црвена полумесечина беше убиен, а уште тројца беа повредени при напад врз седиштето на организацијата во Хан Јунис. Нападот предизвика и пожар на локацијата, според извештаите на организацијата.
Шест лица беа убиени, а повеќе други повредени кога израелските сили отвориле оган врз група која чекала хуманитарна помош во близина на коридорот Нецарим во централниот дел на Појасот Газа.
Пет Палестинци беа застрелани и убиени, а други беа повредени додека чекале помош во северна Газа.
Медицинските екипи и тимовите на цивилната заштита извлекоа тела на 22 Палестинци од населбите Шеџаја, Туфах и Зејтун, откако овие населби беа нападнати од израелските сили.
Дополнително, тројца цивили беа убиени во артилериски напад во Шеџаја.
Израелската Армија продолжи со силно гранатирање на централниот дел од Хан Јунис во текот на целиот ден, според локални извори.
И покрај меѓународните повици за прекин на огнот, израелската Армија продолжува со бруталната офанзива врз Газа од 7 октомври 2023 година. Досега, според палестинските извори, убиени се над 60.800 лица, од кои најголем дел се жени и деца.
Минатиот ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.