Anees Suheil Barghouti
10 Јули 2018•Ажурирај: 11 Јули 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Полициските службеници денес го сослушуваа премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, во рамките на истрагата за корупција во случајот со компанијата Телеком,, пренесува Anadolu Agency (AA).
Израелските медиуми објавија дека сослушувањето на премиерот се одвивало во неговиот дом во Западен Ерусалим поради сомнение дека ѝ доделувал услуги на израелската телекомпанија „Безек“, за возврат за позитивно следење на активностите на премиерот и вести кои му одат во прилог.
Истрагата се поврзува со сомнението дека Нетанјаху, во периодот кога служеше како министер за комуникации, проследувал регулаторни одлуки во корист на телеком-компанијата во замена за позитивно покривање на порталот за вести на компанијата.
Ова е десетти пат оваа година Нетанјаху да биде испрашуван во врска со корупција и измама од страна на израелската полиција.
Нетанјаху е предмет на кривична истрага во два одделни корупциски случаи. Тој постојано негира дека направил некакво кривично дело.
Во февруари, израелската полиција предложи Нетанјаху да биде обвинет за корупција, тврдејќи дека имаат доволно докази за официјално да го обвинат во два одвоени корупциски случаи.
Првиот случај го вклучува холивудскиот продуцент Арнон Милчан, од кој, наводно, било побарано да купи луксузни предмети за Нетанјаху и неговата сопруга.
Вториот случај се однесува на обвинувањата дека Нетанјаху направил договор за поволно медиумско покривање со Арнон Мозес, издавачот на популарниот весник на хебрејски јазик, „Едиот ахронот“ (Yedioth Ahronoth).
Израелскиот јавен обвинител Авичај Манделблит допрва треба да одлучи дали ќе поднесе тужба против премиерот.