свет

Израелскиот државен контролор ја обвини армијата дека ја опструира истрагата за неуспехот на 7 октомври

„Ниту едно надворешно тело не покажа објективност во истражувањето на неуспесите“, рече Енглман

Ikrame Imane Kouachi  | 29.09.2024 - Обновена : 30.09.2024
Израелскиот државен контролор ја обвини армијата дека ја опструира истрагата за неуспехот на 7 октомври

КУДС (ЕРУСАЛИМ) (АА) - Израелскиот државен контролор Матанјаху Енглман денес ја обвини армијата дека ја попречува истрагата за неуспесите што доведоа до нападот на Хамас на 7 октомври во Израел, јавува Анадолу.

„Ниту едно надворешно тело не покажа објективност во истражувањето на неуспесите“, рече Енглман на конференцијата на израелските медиуми Ерусалим пост, Маарив и Вала.

Тој истакна дека неговата канцеларија спроведува серија истраги поврзани со неуспесите што доведоа до нападот на 7 октомври.

„Ние сме при крај со овој извештај, но за негово финализирање треба да се сретнеме со три лица од војската“, додаде Енглман.

Тој истакна дека началникот на Генералштабот на армијата, Херзи Халеви, смета дека канцеларијата на Државниот контролор не треба да се меша во воени прашања, за што Енглман рече дека греши.

Канцеларијата на Државниот контролор е централна институција на Израел за надзор на различни државни агенции со цел да се обезбеди јавна финансиска одговорност.

Контролорот го избира Кнесетот (израелскиот Парламент) со мандат од седум години, а Енглман е на функцијата од 2019 година.

Енглман истакна дека неговата канцеларија ги истражува безбедносните одговорности во врска со населбите Сдерот и Офаким во близина на Газа.

„Армијата не беше присутна таму на 7 октомври“, додаде тој, оценувајќи го ова отсуство како „голем неуспех“.

„Помина една година, а ниту една надворешна страна не покажа објективност во проверката на овие неуспеси“, рече тој.

Изминатиот мај, Енглман го обвини Кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху и армијата дека не соработуваат со истрагите за неуспесите на 7 октомври.

Нетанјаху инсистира на тоа дека официјална истрага треба да се спроведе дури по завршувањето на војната.

Израел, прекршувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, се соочи со меѓународна осуда поради неговата континуирана брутална офанзива врз Газа по нападот на 7 октомври минатата година од страна на палестинската група на отпорот Хамас.

Оттогаш во израелската офанзива убиени се речиси 40.600 Палестинци, главно жени и деца, а повредени се над 96.200, според локалните здравствени власти.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој му нареди веднаш да ја прекине својата воена операција во јужниот град Рафа, каде што се засолнија повеќе од 1 милион Палестинци пред да започне копнената офанзива врз градот на 6 мај.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın