Erdoğan Çağatay Zontur
26 Март 2019•Ажурирај: 26 Март 2019
ГАЗА (АА) - Израелските воздухопловни сили во текот на ноќта продолжија да изведуваат напади во блокираната Газа, и покрај претходно договореното примирје, јавува Anadolu Agency (AA).
Репортерот на АА јавува дека израелски бомбардери извеле напади врз позициите на военото крило на Хамас, бригадата „Изедин ал Касам“ во Бејт Ханун, во северниот дел на Газа, при што е запалена и џамијата „Омар бин Абдулазиз“.
Очевидци велат дека израелските воздухопловни и артилериски сили во текот на ноќта ги гаѓале и земјоделските полиња во јужниот, северниот дел, како и во внатрешноста на Газа.
Израелската војска потврди дека нејзините бомбардери синоќа извеле најмалку 15 напади во Газа.
Во соопштението се наведува дека нападите биле одговор на претходните ракетни напади од Газа кон Израел.
Палестинското движење Хамас синоќа соопшти дека со посредство на Египет е постигнато примирје во Газа. Египет и Израел не ги потврдија наводите на Хамас за постигнатото примирје.
Вчера утрото, во ракетен напад во Израел ранети се најмалку седум лица, а израелските сили покренаа жестоки напади на Газа. Израел за нападите одговорен го смета Хамас.