01 Февруари 2024•Ажурирај: 02 Февруари 2024
ГАЗА (АА) - Продолжуваат нападите на израелската Армија врз опколениот Појас Газа, известува Анадолу.
Во нападите извршени во текот на ноќта има мртви и ранети. Палестинците се обидуваат да ги закопаат телата на убиените роднини и сограѓани во тешки услови, под постојани бомбардирања и гранатирања.
Израел денес го гранатираше подрачјето Ал Хадаба во Деир ал Балах, во централниот дел на Појасот Газа. Во нападот повредени се тројца цивили, кои се префрлени во најблиската болница.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, училишта, верски објекти и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври минатата година.
Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени најмалку 26.900 Палестинци, главно жени и деца, а ранети се повеќе од 65.949 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.
Според податоците на Обединетите нации, 85 % од населението на Појасот Газа е интерно раселено и се соочува со акутен недостаток на храна, чиста вода и лекарства, додека околу 60 % од инфраструктурата на палестинската енклава се оштетени или уништени.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, но, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат Израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.