Ahmet Furkan Mercan
09 Мај 2022•Ажурирај: 11 Мај 2022
ТОКИО (АА) - Илон Маск, извршниот директор на „Тесла“ и „Спејс икс“, предупреди дека „Јапонија порано или подоцна ќе исчезне“ доколку не го промени падот на наталитетот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Маск на својот профил на социјалните медиуми одговори на веста на јапонската агенција „Кјодо“ за рекордниот пад на населението во земјата во 2021 година.
Наведувајќи дека го кажал тоа што е „очигледно“, Маск додаде: „Доколку не дојде до промена што ќе предизвика наталитетот да ја надмине стапката на смртност, Јапонија порано или подоцна ќе исчезне.“
Во веста објавена минатиот месец беше нагласено дека населението на Јапонија се намалило за 644.000 во 2021 година и достигнало 125,5 милиони, што е „најголемо намалување од 1950 година и што последователно трае 11 години по ред“.
Според владините податоци, лани во земјата се регистрирани 831.000 новороденчиња, а 1,44 милиони луѓе се починати.
Според најновите податоци, 29 отсто од населението на Јапонија се на возраст од 65 години и повеќе, а 11,8 отсто се на возраст од 14 години и помалку.