Said Amori
18 Август 2024•Ажурирај: 20 Август 2024
ЕРУСАЛИМ (АА) - Илјадници Израелци излегоа на улиците синоќа, барајќи договор за размена на заробеници и заложници со палестинските фракции во Газа, јавува Анадолу
Десетици илјади Израелци демонстрираа на плоштадот Каплан, во центарот на Тел Авив, за да извршат притисок врз Владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху да го финализира договорот за размена на затвореници и заложници, објави државната телевизија КАН.
Демонстрантите се заканија дека ќе ги интензивираат демонстрациите доколку не се постигне договор во текот на следната недела, се вели во извештајот, додавајќи дека демонстрантите скандирале против Нетанјаху и го обвинииле дека ги игнорирал животите на заложниците во Газа.
Израелскиот дневен весник „Једиот Ахронот“ објави дека „илјадници Израелци протестираа во Хаифа (на север) и на десетици други места низ земјата, барајќи договор за размена на заложници, прекин на огнот и предвремени избори за соборување на владата на Нетанјаху.“
Претходно, семејствата на израелските заложници држени во Газа изјавија дека Нетанјаху го торпедира договорот поставувајќи нови услови.
Израелскиот преговарачки тим вчера го извести Нетанјаху дека постои „внимателен оптимизам“ во врска со можноста да се издејствува договор.
САД, Египет и Катар претставија нов предлог до Израел и Хамас со цел да се затворат преостанатите јазови за да се олесни брзото спроведување на договорот.
Според заедничката изјава, преговорите одржани во текот на два дена во катарската престолнина Доха беа опишани како „сериозни и конструктивни“ и водени во позитивна атмосфера.
Иако посредниците не открија детали за новиот предлог, тие рекоа дека тој е усогласен со принципите на планот во три фази за прекин на огнот поддржан од американскиот претседател Џо Бајден на 31 мај, како и со резолуцијата 2735 на Советот за безбедност.
Израел, прекршувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара итен прекин на огнот, се соочи со меѓународна осуда поради неговата континуирана брутална офанзива врз Газа од 7 октомври.
Во израелските напади оттогаш загинаа над 40.000 луѓе, главно жени и деца, а повредени се над 92.400, според локалните здравствени власти.
Повеќе од 10 месеци по почетокот на израелскиот напад, огромни делови од Газа се во урнатини, каде постои блокада на храна, чиста вода и лекови.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој му нареди веднаш да ја прекине својата воена операција во јужниот град Рафа, каде што повеќе од еден милион Палестинци побараа засолниште од војната пред да започне копнената офанзива врз градот на 6 мај.