Mahmut Atanur
12 Декември 2018•Ажурирај: 12 Декември 2018
ЏАКАРТА (АА) - Во природните катастрофи што се случија оваа година во Индонезија животот го загубија 4.211 лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на Национална агенција за справување со природни катастрофи (BNPB), Сутопо Пурво Нугрохо, изјави дека 4.211 лица го загубиле животот во 2.375 природни катастрофи што се случија во период од 1 јануари до 10 декември низ земјата.
Нугрохо нагласи дека во овие природни катастрофи повредени се 6.940 лица, додека околу 10 милиони лица биле раселени.
Во земјотресот со јачина од 7,5 степени и цунамито што се случија на 28 септември на заливот Палу, кој се наоѓа на индонезискиот остров Сулавеси, смртно настрадаа над 2.000 лица, додека околу 1.500 лица се водат како исчезнати.
Во Индонезија во просек годишно се случуваат 6.000 земјотреси, додека во текот на годината често се случуваат и поплави и свлечишта поради поројните дождови во земјата.