Ekipa
13 Јуни 2016•Ажурирај: 13 Јуни 2016
БАГДАД (АА) - Здружените ирачки сили од 23-ти мај спроведуваат обемна операција за ослободување на градот Фалуџа, кој веќе две години е под контрола од теористите на ДАЕШ, а од почетокот на операцијата до сега од тој град, од подрачјата под контрола на ирачките сили побегнаа 3.708 семејства, јавува Anadolu Agency (AA).
Претставникот на ирачкото министерство за миграции, Мухамед Рашид, соопшти дека сите евакуирани од Фалуџа се сместени во три кампови во соседните региони контролирани од страна на силите лојални на ирачката влада во Багдад.
Паралелно со тоа, претставникот на локалните власти во Фалуџа, Садун ес-Шалан, за АА изјави дека локалните институции работат на подготовките за сместување на новите бегаци од Фалуџа кои останале во градот, а дека воедно работат и на обезбедување на основни потреби за цивилите кои веќе се згрижени во камповите надвор од Фалуџа.
Во заедничкиот извештај на Меѓународната организација за миграции (ИОМ) и Светската здравствена организација (СЗО) се наведува дека 50.000 цивили останале во Фалуџа која претставува средиште на судирите помеѓу ирачките сили и терористите на ДАЕШ.
Фалуџа е под контрола на ДАЕШ од летото 2014 година, а после Мосул, е најголем ирачки град кој во моментот е под контрола на терористите. Градот воглавно го населуваат сунити. Ирачките воени официјални лица соопштија дека терористите ги блокирале коридорите за евакуација на голем број цивили и во моментот тие цивили претставуваат кочница за спроведување на планот за ослободување на Фалуџа.