Ekipa
20 Јуни 2019•Ажурирај: 21 Јуни 2019
БАГДАД (АА) - Ирачкото Министерство за нафта соопшти дека ќе се преземат мерки за зајакнување на безбедноста врз објектите за нафта, по ракетниот напад врз седиштето на американскиот гигант „ExxonMobil“ во Басра, ирачката покраина на југот од земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Осудувајќи го нападот и оние кои го извршиле, од Министерството се вели дека нападот бил насочен кон националната економија и нафтената и гасната индустрија на земјата.
Околу 20 странски работници беа евакуирани од зградата, откако најмалку три лица беа повредени кога вчера изутрина беше извршен ракетен напад врз „ExxonMobil“.
Допрва треба да се докаже одговорноста за нападот.
Претходно во мај, компанијата ги евакуираше своите работници од нафтеното поле „West Qurna 1“ во Ирак поради безбедносните закани, пред да најави нивно враќање на крајот од истиот месец.
„ExxonMobil“ е главен изведувач во долгорочниот договор со ирачката Јужна нафтена компанија, за развивање на нафтеното поле.
Производствениот капацитет на Ирак, богат со нафта, изнесува околу 4,7 милиони барели дневно (bpd), иако земјата во моментов произведува помеѓу 4,4 и 4,5 милиони барели дневно според договорот со ОПЕК за намалување на производството на нафта.
Приходот од нафта сочинува околу 95 отсто од приходот на Багдад.