Mustafa Melih Ahıshalı
12 Октомври 2020•Ажурирај: 13 Октомври 2020
ИСТАНБУЛ
Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Иран, Саид Хатибзадех, изрази жалење поради кршењето на примирјето меѓу Азербејџан и Ерменија и ги повика двете страни да се придржуваат до прекинот на огнот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Иран жали поради кршењето на примирјето постигнато по судирите меѓу Република Азербејџан и Република Ерменија и ги повикува страните да се воздржат од ракетните напади врз цивилната инфраструктура, населените подрачја и градовите, и го осудува убивањето на цивилите“, се наведува во соопштението.
Хатибзадех додаде дека иранските власти ја споделуваат болката со семејствата на цивилите, коишто загинаа во нападите.
„Иран уште еднаш ги повикува страните да се придржуваат на примирјето, да ги продолжат преговорите во рамките на меѓународното право, меѓусебно да го почитуваат територијалниот интегритет и да ги евакуираат окупираните градови. Техеран изразува подготвеност да ги олесни преговорите за да се постигнат траен мир и одржливо решение во регионот“, наведе тој.
Делегациите на Ерменија и Азербејџан во Москва постигнаа договор за примирје, што на сила стапи во саботата напладне. Целта на хуманитарниот прекин на огнот беше вршење размена на заробеници и на телата на загинатите војници.
Меѓутоа, ерменската Војска во ракетен напад врз градот Генџе во Азербејџан, извршен неколку часа по прекинот на огнот, усмрти девет лица и рани 34.