Ahmet Dursun
02 Март 2017•Ажурирај: 03 Март 2017
ИСТАНБУЛ (АА) – Пратеници од иранскиот Парламент побараа поддршка од лидерот на државата, ајатолахот Али Хамнеи за планот за промена на главниот град Техеран со друг град, јавува Anadolu Agency (AA).
Пратеникот Ебулфазл Ебутураби изјави дека 73 пратеници упатиле писмено барање до Хамнеи за спроведување на нацрт-резолуцијата, која поминала на собраниска седница во декември 2013 година. Овој предлог е поттикнат земајќи ја предвид густата населеност во Техеран, неговото аерозагадување, густиот сообраќај, како и ризикот од земјотреси во градот.
- „Се заканува опасност од аспект на урбанизмот“ -
Посочувајќи на пожарот што во јануари избувна во трговскиот центар „Пласко“, во кој животот го загубија 26 лица, Ебутураби рече: „Овој случај покажа дека на Техеран му се заканува опасност од аспект на урбанизмот. Обраќајќи се до ајатолахот Хамнеи, пратениците во писмото побараа тој да им даде насоки на овластените лица за промена на главниот град“.
- „Техеран е без одбрана“ -
„Случајот ‘Пласко’ покажа колку Техеран е без одбрана при вакви ситуации“, рече иранскиот пратеник.
- „Рухани не посвети доволно внимание“ -
Ебутураби посочи дека за промена на главниот град е потребен план и додаде: Предлог-резолуцијата за промена на главниот политички и административен град беше прифатена за време на претходниот состав на Парламентот. И покрај ова, претседателот (Хасан Рухани) досега не посвети доволно внимание за спроведување на оваа предлог-резолуција“.
- Претходно беше прифатено -
Предлог-резолуцијата за промена на главниот град Техеран, кој има 16 милиони жители, во друг град, беше изгласана со 110 гласа од вкупно 290 пратеници, на 25. декември 2013 година. Советот, кој беше формиран во рамките на планот, спроведува студија во врска со тоа кој град е најдобра алтернатива.