Syed Zafar Mahdi
21 Октомври 2024•Ажурирај: 23 Октомври 2024
ТЕХЕРАН (АА) - Иран поднесе официјална протестна нота до Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) поради израелските закани дека ќе изврши напади врз неговите нуклеарни постројки како одговор на ракетниот напад што Техеран го изведе претходно овој месец, јавува Анадолу.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Есмаил Багаи, денес изјави дека протестната нота е доставена до телото на Обединетите нации, додавајќи дека заканите ќе бидат „следени преку различни канали“.
Изјавите на Багаи дојдоа во време на извештаи што сугерираат дека Израел се подготвува за „голем напад“ врз Иран како одмазда за ракетните напади од 1 октомври, за кои Иран рече дека се одговор на неодамнешните убиства на лидерите на Хамас и Хезболах и на командант на Иранската револуционерна гарда.
Се шират шпекулации дека иранските нуклеарни локации би можеле да станат потенцијални цели на израелски напади.
Багаи нагласи дека ставот на Иран е „многу јасен“, повторувајќи дека „на секоја провокација од страна на ционистичкиот режим ќе биде возвратено со решителен одговор“.
Тој истакна дека Техеран ги известил Обединетите нации и другите меѓународни тела дека нивниот напад врз Израел бил извршен „во рамките на правото на самоодбрана“.
Багаи се осврна и на загриженоста за распоредувањето на американските системи за противракетна одбрана во регионот, предупредувајќи дека таквиот потег „ќе претставува закана“ за Израел.
Портпаролот на иранското Министерство изрази задоволство што регионалните земји „достигнаа разбирање дека одржувањето на мирот и безбедноста во регионот е заедничка одговорност“, додавајќи дека овие земји „никогаш нема да дозволат нивната земја да се користи за агресија против која било друга земја во регионот”.
Багаи, исто така, рече дека „позитивниот пристап“ на Иран кон подобрувањето на односите со Европа бил дочекан со „негативен одговор“ во светло на најновите санкции врз иранските авиокомпании, за кои рече дека „служат само да ги лишат луѓето од нивните фундаментални права“.
Тој ги наведе неодамнешните состаноци на иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи со лидерите на три европски земји во Њујорк, каде што е разговарано за нуклеарни теми и други прашања.
„Иран секогаш преземал иницијатива. Подготвени сме да се ангажираме со која било земја подготвена за соработка заснована врз меѓусебно почитување и разбирање, во рамките на националните интереси на Иран“, рече Багаи.
На неодамнешната регионална дипломатска турнеја на Арагчи, во која беа вклучени посети на Ирак, Либан, Оман, Саудиска Арабија, Јордан, Египет и Туркије, Багае укажа на, како што рече, „позитивните знаци“ дека овие дискусии поттикнале да се запрат израелските напади врз Газа и Либан.
„Ја поздравуваме секоја иницијатива што ќе доведе до крај на злосторствата во Газа и Либан. Иран никогаш не се мешал ниту ќе се меша во внатрешните работи на која било земја“, додаде тој.
Во врска со Процесот Мускат за индиректни преговори меѓу Иран и САД, Багаи објасни дека тој е паузиран поради регионалните случувања.
Тој, сепак, истакна дека комуникацијата меѓу Техеран и Вашингтон продолжува преку „одредени канали“, особено преку швајцарската амбасада во Техеран.